Рубиковата коцка, со 450 милиони продадени примероци (и уште кој знае колку продадени имитации) до денес е најпознатата играчка на светот, веднаш после Лего. Глобалната заедница на „вртачи“ е огромна, а во јутјуб видеата на оваа тема има официјални натпревари (дури и со врзани очи), но и решавање со рацете зад грб и со жонглирање. Лани ова време во Мелбурн е одржан последниот светски куп, а оваа година за жал тој е откажан заради Ковид.
Креаторот на коцката, Унгарецот Ерно Рубик, во 1970-тите бил млад инженер кој предавал дизајн на Техничкиот факултет во Будимпешта, среде студената војна. Еден ден, во станот на мајка му, тогаш младиот боем почнал да изработува макета за ротациска коцка со обоени страни. Ротацијата значи дека деловите околу оската можат да се движат, хоризонтално и вертикално. Првата коцка била направена од дрво и неа Рубик ја сметал пред сè за уметнички дело и за начин неговите студенти низ игра да се подготват за решавање на посложени проблеми.
Меѓународниот патент е регистриран во 1980, но во меѓувреме Рубик продолжува да предава, и да уредува списание за игри. Денес, на 75 години, во интервју за Лупига тој вели дека успехот на неговиот изум е во комбинацијата на „лудачки предизвик“ и задоволството кое следува од решавањето. Таа истовремено создала нова пазарна ниша - онаа на ротациски загатки.
Според искуства на поупатени од нас, цената и оригиналноста на коцката не значат и нејзин квалитет. Понекогаш евтините кинески копии се многу побрзи, а ги има и во различни варијатни, облици и модели (не само коцки, туку и пирамиди, додекаедри, „змии“, „огледални“ - со светкави страни итн.). Кај нас најчесто ги има по книжарници, но искрснуваат и на некои неочекувани места, како на пример пазарски тезги или продавници за порцелан. Прилично безбедна варијанта во однос на квалитет е купувањето од Али Експрес, каде за 19 евра (со поштарина) може на пример да се добие одлична 7х7. За добра коцка, меѓу другото, се смета онаа која има добар „корнер катинг“, односно дозволува вртење дури и ако поединечните коцки не се под прав агол. Во некои комплети на оригиналниот Рубик има дури и штрафцигерче и „масленце“ за нагодување на тензијата и подмачкување. Во оригиналниот Рубик нема магнети, но во имитациите најчесто има, што овозможува поголема контрола. Сепак, секој кјубер си има свој осет за тоа колку брзо и како би сакал да му се врти коцката.
Генерално, добриот „кјубер“ е брз (оттаму и „спидкјубер“ како некој кој се натпреварува во брзо решавање). Светските рекорди за варијантите 2х2, 3х3, 4х4 итн. (патем има и 17х17), се различни. Рекордот за единечно решавање за 3х3 го држи Ду Јушенг од Кина со 3,47 секунди (2018). Рекорд за просечно време (пет местења од кое се вадат најбрзото и најбавното и се пресметува просекот од останатите три) е на Феликс Земдегс од Австралија од 2019. Но има и такви кои си вртат кроце, како релаксација и медитација.
Во спомнатото интервју Рубик сепак вели дека имитаторите не го секираат. „Верувам во досетката на Оскар Вајлд дека имитицаијата е најискрен облик на ласкање. Но новите коцки повеќе личат на спортска опрема отколку на играчки. Тој во скоро секое интервју не пропушта да спомне дека во младоста инспирација црпел од татко му, кој бил почитуван инженер на едрилици. Уметничкиот дух пак го наследил од мајка си, поетеса. Одел во средно уметничко, насока скулптура, а потоа се запишал на архитектура. За негови интелектуални водичи ги смета Леонардо да Винчи, Френк Лонјд Рајт и Жил Верн. Сака да престојува во природа, а во последно време е активен градинар, со голема збирка кактуси.