Кога мислиме на античките цивилизации, често претпоставуваме дека нивната хигиена била многу полоша од денешната. Особено кога станува збор за забите, лесно е да се замисли дека старите Грци или Египќани страдале од кариес и болки бидејќи немале модерни пасти за заби, конец за чистење и четки какви што користиме денес. Но, вистината е дека основните принципи на четката за заби речиси и не се смениле од времето на Египќаните и Вавилонците - рачка што се држи и влакна со кои се чистат забите.
Се верува дека Египќаните уште околу 5000 година пред нашата ера користеле паста за чистење на забите, дури и пред да се појават првите четки за заби. Во 2003 година, кустоси во музеј во Виена откриле папирус од 4 век од нашата ера, напишан на грчки, кој го содржи најстариот познат рецепт за паста за заби во светот - повеќе од 1500 години пред Колгејт да ја продава првата комерцијална паста во 1873 година.
Во папирусот е опишан „прав за бели и совршени заби“, кој кога ќе се измеша со плунка станува паста. Рецептот содржел една „драхма“ (мерка за тежина, што би се рекло по наше, „драм“) камена сол, две нане, една сушен цвет од ирис и 20 зрна бибер, сè добро сомелено и измешано.
Стоматологот Хајнц Нојман, кој го тестирал овој стар рецепт на стоматолошка конференција во Австрија, изјавил дека вкусот не бил непријатен. Иако пастата му предизвикала болка и крвавење на непцата, тој сметал дека тоа не е нужно лошо, а по употребата устата му била свежа и чиста. Според него, оваа формула била подобра од некои сапунести пасти што се користеле многу подоцна. Документот бил пронајден меѓу најголемата колекција на древноегипетски документи во светот, а според експертите, очигледно го напишал човек со медицинско знаење, бидејќи користел стручни кратенки.
Кога ќе се погледне средновековна Англија, ситуацијата е поразлична. Таму многу стоматолошки „лекови“ се темелеле на билки, амајлии и магиски верувања. Во едно дело од 1314 година се наведува дека клунот од страчка, ако се носи околу вратот, ја лекува забоболката. Друг совет бил игла да се забоде во инсект што се свиткува во топче кога ќе го допрете, а потоа со таа игла да се допре болниот заб и болката наводно ќе исчезне. Сепак, постојат и посериозни совети. Во медицински текст од 13 век се препорачува по јадење забите и непцата да се тријат со крпа за да не остане „расипана материја“ меѓу забите.
Еден рецепт за „црни заби“ советува користење на лушпи од орев, со кои забите треба да се тријат трипати дневно, а потоа устата да се исплакне со топло вино и сол. Друг, многу посложен рецепт бара изгорен бел мермер, изгорени урмини семки, сол и делови од црвена тула - состојки што денес звучат прилично необично. Постоел и „луксузен“ рецепт со цимет, каранфилче, темјан, маслинки и други скапи состојки, за кој се тврдело дека делува најдобро.
Иако е тешко да се каже колку овие рецепти навистина биле ефикасни, сигурно биле покорисни од магиски амајлии. Ова покажува дека, иако средновековната стоматологија понекогаш изгледа чудно, античките цивилизации во некои аспекти биле многу поблиску до нашите навики отколку што обично претпоставуваме.