Во поголемиот дел од модерната историја, и во САД и во значаен дел од светот, жените имале само дел од финансиската независност која ја уживале мажите. Дури и најбогатите жени, законски гледано, често не биле самите богати туку биле сопруги или ќерки на богати мажи и татковци. Тоа предизвикувало голема зависност и постојана опасност дека сето тоа еден ден може да им биде одземено.
Секако, имало и ретки примери на жени со пристап до финансиски услуги, и пред тој да биде гарантиран со закон. Името на Војвотката од Кеслмејн се појавува во најраните банкарски документи во Британија, кои датираат од 17 век. Но ова се исклучоци, бидејќи повеќето жени биле изолирани од финансискиот систем и немале законска заштита во таа смисла.
Во 18 век биле преземени мали но значајни чекори во поглед на економските права на жените. Во 1771, пред Американската револуција, Њујорк усвоил закон со речиси комплицирано име (Act to Confirm Certain Conveyances and Directing the Manner of Proving Deeds to Be Recorded) според кој мажите морале да добијат писмена согласност од сопругите доколку сакаат да го продадат имотот која таа го донела како брачен мираз. По 70 години, Мисисипи станала првата држава која им овозможила на жените да поседуваат имот на свое име. Додуша, ова се однесувало само на имотот од типот - робови.
Како што законите се олабавувале, и сè повеќе жени почнале да заработуваат, така се појавила и потребата тие некаде да ги чуваат парите. Првата банка која била специјализирана за жени била отворена во Бостон во 1879. Се викала Лејдис Депозит Компани, а сопственичката била извесна јасновидка, Сара Хоув. Дури 1200 жени депонирале вкупно 500.000 долари, денешни 15 милиони. Им била ветена камата од 8% месечно и некое време тие навистина ја добивале.
Но новинари набргу откриле дека Хоув всушност ги плаќа каматите од самите средства кои ги депонирале клиентките, на тој начин трошејќи им ги заштедите. Така една жена зафркнала илјадници други жени кои на овој начин ја загубиле својата тешко стекната финансиска сигурност. Со оглед на тоа што весниците будно го следеле скандалот, требало да поминат дури 40 години за некој да се осуди да брендира нова „женска банка“, која овој пат била респектабилна.