Во 2016 Германците ужаснато констатираа дека најпопуларен збор во германскиот помеѓу младината воопшто не е германски. Како што пишувавме тука кога некој е „хај“ и „кул“, германските тинејџери (впрочем исто како и македонските) тоа го опишуваат со заемки од американскиот хип-хоп, во случајов со „флај“ (како во: I'm so fly), термин кој победи во изборот што го организира издавачот Лангешајд таа година.
Но работите во 2018 се променети, па овогодишниот победник е, ако ништо друго, германски збор. Ehrenmann/Ehrenfrau е германски еквивалент на господин-човек (џентлмен) или дама. Терминот може да има позитивна конотација, на некој што се однесува благородно и „на висина“, но и негативна, доколку некој мисли дека е по „шик“ отколку што тоа навистина е.
Начинот на избор на зборот на годината е со онлајн гласање на предлози кои ги поднесуваат самите тинејџери, но сепак конечната одлука ја носи жири составено од 21 член, меѓу кои блогери, ученици, новинари, па дури и полициски инспектор.
Оваа година гласале 1.5 милиони луѓе, половина милион повеќе од минатата. „Еренман“ е често користен израз од страна на германските рапери, а и име на популарен енергетски пијалок. Освен што Германците оваа година се среќни што најпопуларен збор меѓу младите не е англиски, исто така се задоволни што тоа не е искривиколчен германски збор, како ланскиот победник - I bims, варијанта на Ich bin (јас сум).