На Спилберг му тргна со историски личности. Откако го сними „Линколн", сега се подготвува да се фати во костец со уште еден, можеби поголем предизвик - да го доврши она што Кјубрик го планирал по завршувањето на неговиот „2001: Одисеја во вселената", а пред да му се посвети на адаптирањето на „Пеколниот портокал" на Ентони Бурџис. Во јули 1969 Кјубрик го имал завршено сценариото за нешто што требало да биде епски историски филм за Наполеон, но имал дилеми, особено во врска со сопствената одлука да го прикаже минувањето на времето преку користење наратор. Иако имал направено детални продукциски белешки и буџет, тој го оставил проектот на страна и се посветил на делото на Бурџис.
Авторот на „Пеколниот портокал" бил голем фан на Кјубрик, но прв пат го сретнал во Лондон на приватна проекција на една од работните верзии на филмот. Тогаш Кјубрик му спомнал дека планира да прави филм за Наполеон, а Бурџис му ја сугерирал Третата симфонија на Бeтовен (Ероика) како соодветна структура и музичка подлога за приказната. Бетовен и онака сакал да му ја посвети на Наполеон, но ја скинал посветата кога слушнал дека овој ја нападнал Швајцарија.
Кјубрик бил „прилично возбуден" околу можноста за симфониска структура, па го поттикнал Бурџис да напише роман кој потоа би бил преведен во сценарио. Бурџис бил аматер-композитор кој веќе имал напишано две симфонии и неколку дела за пијано и со години сакал да напише роман во музичка форма. Но иако почнала добро, целата работа заглавила кај вториот став од четирите, кој е погребен марш, што значело дека Наполеон би требало да биде убиен, а потоа некако магично воскреснат во финалните ставови. Ова, како и уште некои важни забелешки на Кјубрик - дека дијалогот во романот бил нереалистичен и дека комичната визија на Бурџес за Наполеон му го одземала херојскиот статус - направило режисерот да се откаже од целата идеја и љубезно да го откачи Бурџис.
Она што сега постои е следно: целото оригинално сценарио на Кјубрик онлајн, романoт „Наполеоновата симфонија" кој Бурџис сепак го напишал и му го посветил на Кјубрик, и книгата „Наполеон на Стенли Кјубрик: најголемиот филм кој никогаш не бил снимен" од 2011, книга која ги вклучува изворните документи и деталните истражувања кои биле спроведени за филмот. Оние кои ја прочитале и книгата и сценариото велат дека тоа им обезбедува максимална јасност на инаку сложените историски теми - приказна која можела да излезе хаос од датуми, места и битки, наместо тоа е раскажана епски и со прецизни детали. Останува да се види дали Спилберг ќе остане доследен на овие квалитети на текстот.