Потрагата по eдна закопана чорба на Арктикот

Во геологијата, пермафрост е почва чија температура останува на, или под 0 степени во текот на две или повеќе години. Нејзиното уништување има импликации за глобалните климатски промени. Една трагично завршена експедиција која имала сосема друга цел, покажала дека таа може да биде природен „фрижидер“ во кој може да се чува храна со децении.

Во 1886 познатиот германски геолог, зоолог и истражувач, баронот Едвард фон Тол, стоел на брегот на најголемиот од новосибирските острови, гледајќи на север, во рускиот Арктички океан. Бил сигурен што гледа во далечината: Саников, митски остров кој ги маѓепсувал истражувачите. Тој и неговиот водич биле согласни - откако еднаш ќе стапнат на него, можат слободно да умрат.

Во 1900, по неколку години убедување, Руската академија на науки конечно се согласила да ја спонзорира експедицијата на Тол во потрага по Саников. Тој собрал екипа и тргнал со бродот Зарја низ водите на Арктикот. Но експедицијата уште од почеток наишла на проблеми - навигациска зборка, недостаток на јаглен, тензии помеѓу Тол и капетанот, смрт на докторот, брутални снежни врнежи, прегладнети кучиња кои требало да влечат санки, мраз кој се заканувал да го окова бродот.

Сепак, Тол и неговиот тим научници си ја вршеле работата. Мапирале до тогаш нерегистрирани реки и острови, анализирале глечери, собирале фосили и фауна и ги проучувале во бродската лабораторија. За сето тоа време, се хранеле со конзервирана и сушена храна, која ја закопувале во слоевите земја и мраз на Тајмирскиот полуостров за да ја сочуваат од расипување.

По 19-месечен пат, Тол добил телеграма од Академијата дека е време да ја завршува мисијата и дека има уште едно, последно лето да си го најде островот. Во мај 1902, кога Зарја не можела да мрдне од местото на кое била вкотвена, Тол, неговиот навигатор и двајца Јакути тргнале со санка влечена од кучиња и со кајак на крајниот север на островот Бенет, каде се надевале дека ќе постават база за понатамошен напредок кон Саников.

Во текот на трите следни месеци на Бенет, тимот изел три мечки, безброј морски птици и мало стадо ирваси. Се надевале дека Зарја наскоро ќе се ослободи и ќе дојде да ги земе. Но бродот не можел да мрдне, и кога дошол октомври било јасно дека можноста за спас е загубена. Тол и неговите колеги почнале да се враќаат накај југ, но исчезнале некаде по пат, во смртоносната маса мраз.

Смртта на Тол го зацврстил неговиот легендарен статус во Русија, која продолжила да спонзорира потраги по Саников до 1930-тите. Неговата вдовица ги објавила дневниците на Тол, а во 1959 се појавил и нивен руски превод, што значело дека доаѓа нова генерација на љубители на арктички авантуристи.

Една страница од дневникот укажувала на тоа дека Тол закопал сандак со храна во септември 1900 некаде на Тајмирскиот полуостров и го означил со дрвен крст. Во него имало 48 конзерви супа од зелка, лимена кутија со суви бисквити, други со овес и шеќер, чоколадо, седум чинии и еден чајник.

По објавувањето на дневниците на руски, истражувачите се з’гнале да го најдат депото. Но описот на географската локација излегол многу нејасен. И најверојатно храната никогаш немала да биде пронајдена, да не се случил еден мал научно-политички скандал во 1973.

Во тоа време, 31-годишниот Дмитри Шпаро, руски професор по математика и истражувач на тундрата, организирал група за прво патување на Северниот пол со скии. Целиот потфат бил спонзориран од официјалниот весник на Младата комунистичка лига. Како подготовка, тие тренирале не само скијање, туку учеле и биомедицина, електроника и наука за храна. Сепак, во последен момент партијата го прекинала проектот - да се патува зад Железната завеса, па макар и во неутралните води на Северниот пол, било невозможно.

Но ентузијастичните авантуристи биле одлучни. Се лоцирале на Тајмирскиот полуостров и се поделиле на три тимови, секој со нова задача - да разоткрие до тогаш неразјаснета арктичка мистерија. Една од нив била токму сандакот на Тол.

Едно јулско попладне, хеликоптер го оставил тимот во тревната крајбрежна тундра за која тој сметал дека е најверојатната локација на „богатството“. Наишле на плоча, на која пишувало само „Зарја: 1900“. По малку копање низ слоевите мраз и црна земја трупани со години, стигнале до опишаните предмети, меѓу кои и 73 години старите бисквити на Тол.

Нешто од сето ова било отворено на лице место, но поголемиот дел стигнало до Москва, до Институтот за истражување на конзервирањето. Се што било закопано во мразот било одлично сочувано, и експертите биле воодушевени од вкусот и свежината на чајот, овесот и чоколадото. Следното лето испратиле поголема експедиција која откопала 34 конзерви боршч, но оставила 14 за следните експедиции, во 1980, 2020 и 2050, за да видат што ќе се случува понатаму со храната. Истовремено, закопале неколку контејнери модерна храна за испитување од страна на новите генерации.

Сево ова покажало дека „пермафрост“-от може да спаси живот, и дека правењето на вакви природни „фрижидери“ може да обезбеди храна за луѓе кои живеат во изолација подолг временски период. Иронично е што ваквите практични и конкретни решенија на еден проблем произлегле од неостварен сон и од едно трагично завршено патешествие.

извор

20 август 2019 - 12:42