Полицијата во Торонто е во потрага по жена која украла камен од музејот Гардинер, каде во моментов е поставена изложба на Јоко Оно. Тој - каменот - бил дел од инсталација на Оно, „Речно корито“, а на него авторката рачно ја испишала пораката - „Сакај се себеси“.
Крадачката, која на безбедносните камери изгледа како средовечна жена со црвено шалче и црна капа, најверојатно го бендисала камчето и решила да го послуша неговиот совет. Плус, самата изложба (кој ѝ е крив) се фокусира на интерактивност и соработка, охрабрувајќи ги посетителите „интимно да се поврзат со уметничките дела“. Така, во една просторија тие се поттикнати да поправат скршени керамички чаши, а во друга се поставени жици, чекани и шајки за публиката да креира линии во просторот. Спомнатите камења со пораки пак служат за секој посетител да земе еден во рака и додека се концентрира на напишаното „да се ослободи од лутината или стравот“. Откако моментот на контемплација ќе заврши, каменот треба да си се врати на место.
Кражбата се случила кратко време пред крајот на работното време на музејот па можеби на жената едноставно ѝ било потребно повеќе време за медитација над неговата порака.