пишува: Иван Миленковиќ („Време“)
За оружјето се напишани непрегледни библиотеки, но не и за човековата фасцинација со оружјето. Како тоа да се подразбира, онака отприлика како што се подразбира боцката на опашката на шкорпијата или канџите на мачешките шепи. За психологијата на убијците, војниците, полицајците и на сите оние кои по должност ракуваат со оружје имаме купишта книги, студии и текстови, но не и рационален одговор за тоа зошто цивилите поседуваат оружје. До психолошки, антропололошки или социолошки истражувања за сопствениците на оружје кои немаат досие, но имаат дозвола за поседување, е потешко да се дојде, затоа што едноставно ги нема, како ни емпириски трудови на оваа тема. Тогаш, зошто луѓето чуваат оружје дома?
Добар дел од текстовите кои потписникот на овие редови ги пронајде е всушност неинтересен, затоа што се потпира на општи места, или е произволен (што е исто), значи без соодветна научна и теориска потпора, што многу потсетува на ад хок дискусиите кои во јавноста можеа да се слушнат овие ужасни денови во Србија. Во повеќе наврати можевме да слушнеме дека во Србија постои култ кон оружјето, но не и врз основа на што се дава таквото тврдење. Американските бази на текстови се побогати, но примерокот кој е консултиран не се занимава со нешто повеќе од правната регулатива, моралното ужаснување (значи немоќта нешто да се направи кога станува збор за вооружувањето на цивили), повикувањето на традицијата и општите места за лошо сфатениот поим на слобода. Додуша, кај Американците постои една сосема здрава традиција која се заснова на страв од државата, од Левијатанот (митското морско чудовиште), па оружјето кај поединците се трупа за одбрана од државата ако таа подиви (СССР, на пример, нацистичка Германија). Но кога државата никако да подиви, а оружјето се има за да се употреби, од време на време некој пука на случајни минувачи, посетители на трговски центри или на деца.
Заклучоците на истражувањата најчесто клонат кон тоа дека станува збор за антрополошка константа која луѓето ги следи уште од онаа убиствена коска со која човековиот подалечен роднина, сиот воодушевен, мафта на почетокот на Кјубриковата „Одисеја“. Канонските текстови на европската цивлизација, како „Илијадата“, „Одисејата“ или Светото писмо, како да ја потврдуваат и дополнително да ја митологизираат идејата дека оружјето му е природено на човекот. Да забележиме, меѓутоа, дека целта на оружјето, неговата смисла или употреба, ретко се проблематизираат (оружјето е направено за да се употреби и што има тука да се расправа), како сето тоа, всушност, да е нормално, како оружјето да е природен човечки продолжеток, протеза срасната со месото и коските, па би било ненормално кога би размислувале за заедница без оружје.
Оттаму антрополошкиот песимизам: човекот е зло и недоверливо суштество, сештојад, па оружјето некако природно му лежи. Или: дури и сето оружје да исчезне преку ноќ, да испари, има ли некој кој би поверувал дека човекот, онаков каков што е, веќе следниот ден не би скокнал на своите ближни со тупаници, заби, нокти, лакти, коленици, камења, гранки, згодни делови од мебелот...Впрочем, ене како минал уважениот Џироламо Савонарола во 15-вековна Фиренца, свештеник кого Макијавели, не без извесна иронија, го нарекол невооружениот пророк. Откако сфатила дека Савонарола само се заканува а притоа нема оружје, толпата љубезно го запалила. Жив.
Ова сепак не одговара на прашањето што ќе им е оружје на цивилите.
Дури ни тоа што Србија, согласно некои податоци, е петта во светот и прва во Европа по број на огнено оружје по глава на жител, тоа не ја прави нешто поразлична од други земји кога станува збор за односот на населението кон оружјето, особено ако ја споредиме со земјите во опкружувањето со кои нејзината историја се испреплетува. Поради тоа перспективата која ја нудиме тука е политичко-филозофска, значи, причините за трупањето оружје не ги бараме во поединечните склоности и психолошките мотиви, туку во колективните односно политичките перспективи. Патријархалната култура, неодговорната власт, фалсификувањето на историјата, несоодветниот образовен систем, колективната фрустрација од загубените војни, и отсуството на соочување со таа непријатна околност, инструментализацијата на траумата, сите тие се политички мотиви кои придонесуваат кон фантазмот за моќта на поседувањето оружје. Тоа, а не некаков култ.
Согласно српското законодавство, пукањето во воздух е забрането со Кривичниот закон и Законот за оружје и муниција. Дури два закона, значи, забрануваат пукање во небо, што меѓутоа не го спречува тукашниот народ, сметајќи ги и добро вооружените градови (а не само села), на свадбена веселба, на пример, да тргне со арсенал доволен за одбивање солидна опсада. Треба да пукне кога и да се укаже прилика, а се укажува постојано. Кога вооружената мажјачка дружина ќе дојде по младата, небото солидно се изрешетува. Малку пукаат и кога ќе ја грабнат невестата, па потоа пукаат на невооружените јаболки и неподвижните предмети, потоа кога им се раѓаат деца, кога мажите ќе станат полнолетни, кога одат во војска или се враќаат од неа, пукаат, секако, и во војска, а посебно кога ќе се напијат. Познато е, исто така, дека со рафална стрелба се истеруваат злите демони (порано тоа се правеше подискретно, да речеме со кршење чаша), се прославуваат државни, верски и други празници.
Не се Србите осамени во таа пракса, иако безбедносните прилики во последно време и во отсуство на држава (киднапирана, не се знае дали е жива), драматично се усложнуваат. Но, да речеме дека тука станува збор за лошо сфатена традиција и низок степен на просветеност на населението (политички мотив со понизок интензитет, значи, но со долгорочни тешки последици).
Војничката култура е веќе посериозен проблем. Никогаш, всушност, комунистичка Југославија, и покрај модернизациските потези не престана во основата на својот идентитет, секогаш одново, да ја уфрлува народноослободителната борба, со сите митологизирани офанзиви, јунаштво, фалсификувана историја и, секако, култот на недопирливиот водач. Треба да се забележи дека српската приказна од Првата светска војна не се туркаше систематски во заборав - ене го „Марш на Дрина“ на Жика Митровиќ од 1964 - но таа со националистичката диктатура на Милошевиќ експлодира како гнојна рана. Џуџестите кнежества настанати по распадот на Југославија исто така посегнаа по својата славна воинствена традиција (помалку важно дали таква традиција воопшто имало, а ако не, таа требаше да се измисли), се тргна во раскопување на гробови и грижливо утврдување на геномот со цел етно-националистичка (расистичка) мобилизација. Србија, природно, во тоа предничеше и, и покрај традицијата, успешно ги загуби сите војни (вкупно четири) во кои режимот на Милошевиќ ја втурна.
Врвот изгледа се достигнува со Вучичевата популистичка диктатура, а преку непримерно одбележување на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна. Додека Европа го одбележи тој ден како крај на апсолутна бесмисла, како ден кога не би требало да се чувствува ништо друго освен срам, тука (во Србија) се славеше јунаштвото на српската војска и на српскиот народ, избиваше нетрпеливост кон „непријателите“, една целосна произволност од историско и цивлизациско гледиште, но ефикасна од аспект на диктатура. Чиста психоза. А во таква психотична атмосфера не се можеше, а што е поважно не се сакаше рационално да се размислува и во интерес на земјата. Трупањето на оружје тука доаѓа некако прифатливо, дури и пожелно. Податокот за оружјето кое во Србија го поседуваат цивилите е одамна познат, но зошто околу тоа некој би се возбудувал? Што е поприродно од оружје во рацете на воинствен народ? Сè додека некои пиштоли не пукнаа во „Рибникар“.