Хант била суфражетка, дел од широко движење од крајот на 19 и почетокот на 20 век, особено активно во Британија, чии членки се обидувале да привлечат внимание на своите барања за женски права преку радикални методи - палење поштенски сандачиња, кршење излози, сечење телефонски линии, дури и поставување бомби на места на кои обично се рекреирале богатите мажи. Оттаму, нејзиниот чин на оштетување портрет на еден таков влијателен маж, сопственик на галерија, и не е толку необичен за времето и местото на коешто се случил.
Движењето успеало во дел од своите намери - оваа година се одбележува еден век од донесувањето на Representation of the People Acts, група закони кои предвидувале право на глас на сите мажи над 21 година и на сите жени над 30 годишна возраст, што тројно го зголемило електоратот. По десет години, во 1928, правото се проширило и на жените од 21-30 годишна возраст. Во склоп на таквото одбележување е и враќањето на портретот на Томас Карлајл на ѕидовите на Лондонската национална галерија на портрети, а во склоп на изложба под наслов „Гласови за жени“, на која ќе бидат претставени слики и фотографии на клучните личности на британското суфражетско движење.
Портретот на Карлајл, насликан од сер Џон Еверет Мил, не бил изложуван 20 години. По нападот е веднаш реставриран, но ова ќе биде прв пат тој да е изложен заедно со фотографии на кои се гледа и оштетувањето - три големи исекотини по неговото лице.
Во времето на инцидентот британските јавни институции биле уплашени од суфражетките кои со себе носеле оружје, заради можни напади на музеите и галериите. Како превентива тие барале од посетителките да ги оставаат своите чанти и крзна во гардеробите. Националната галерија располагала дури и со разузнавачки фотографии од најопасните „терористки“, кои ги добила од Скотланд Јард.
Па сепак, Ан Хант успеала да се пробие низ галериското обезбедување. Еден од вработените, кога прв пат ја видел Ан, мислел дека таа е Американка „заради близината од која ги разгледувала сликите“. Но кога ја видел повторно и следниот ден почнал да се сомнева во нејзините намери, затоа што „ниту еден Американец не би платил два пати влез од 6 пени“.
Сепак, тој не ја напуштил својата позиција за да ја следи. Наскоро слушнал кршење на стакло, по што настанал хаос додека Ан не била совладана. Била осудена на шест месеци затвор, но пуштена по шест дена. Случајот бил пренесен и во странските медиуми, а таа била нарекувана „фуријата со сечило“. На судењето изјавила дека сликата „ќе има дополнителна вредност и ќе биде од историско значење, бидејќи ѝ била укажана чест од страна на една милитантка“. И била во право.