Нема ништо посимпатично од филм за досадна провинција во која одеднаш се случува некакво злосторство, кое се нафаќа да го расветли локалниот полицаец. Особено ако тој на прв поглед е класична будала, ако неговиот најважен информатор е дете-мангупче на розов точак, најдобрите другарки проститутки, дилерите кои ги брка љубители на филозофска литература, земјата Ирска, а партнерот во расветлувањето на случајот FBI агент - црнец.
Во малото место Конемара во западна Ирска, каде вообичаено никогаш и ништо не се случува, одеднаш во кратко време има две убиства, што ја крева на нозе локалната полиција (на галски - guarda). Иако на прв поглед делува дека барем едно од нив има врска со религија и окултизам („знаев дека ќе има е*ен религиски агол", вели иронично „нашиот" полицаец кога ја наоѓа жртвата со скинато парче од Библијата во уста), излегува дека се работи за голема пратка кокаин, која во местото треба да стигне со брод. Толку голема што ФБИ испраќа свој агент на случајот. Тој е низок и добро облечен, крајно сериозен, образован, сè што неговиот локален партнер Гери не е. Плус е Американец и црнец, што никако не му помага во контактите со месното население, кое се прави дека не разбира англиски, и богами ни со ирските колеги.
Од нив најотворен, а како што излегува на крајот и единствениот некорумпиран, е токму Гери, кој не е расист, но уште при првиот контакт како да сака да му каже на „високиот претставник" каде му е местото во локалниот поредок на нештата. Кога Американецот ги покажува ликовите на бараните криминалци, сите белци и сите Ирци, Гери гласно коментира: „Мислев дека само црнци се дилери", за подоцна во муабет на само со него да ја надгради тезата со „мислев деца црнци не скијаат" и слични забелешки упатени кон некој кој и покрај различната боја на кожа излегува дека завршил на Јеил, скија со семејството во Аспен и по сите социјални параметри стои подобро од кој било ирски (а богами и од голем број американски) белци.
И покрај овој остар старт, агентот и поручникот стануваат пријатели, и на крајот сосема сами, со калашников од ИРА и уште неколку парчиња оружје кое им ги открива едно пегаво дете, толку мало а толку изграден криминалец, излегуваат на крај со опасните криумчари. Но оваа главна акциона линија не е најинтересното во филмот. Боцкавиот и одличен хумор е она што го прави различен од кој и да било друг филм од ваков жанр - подигрувањето со расните и националните стереотипи, особено со ирскиот идентитет и историја, американската политичка коректност и ефикасност, но и природата на криминалот и криминалците. Овие во филмот во една сцена се возат во кола зборувајќи за Шопенхауер, Бертранд Расел и Дилан Томас, натпреварувајќи се кој знае повеќе цитати од Ниче. „Она што не ме убива..", почнува едниот од нив, а другите му се нафрлаат - „Ееее, не се важи, тоа го знае секое дете".
Бидејќи последната сцена е пресметка на брод после која Гери мистериозно исчезнува, за до крај на филмот да не сме сигурни што всушност се случило, таа по малку потсетува на „Приведете ги осомничените". И исто како и за Вербал Кинт, и за Гери Бојл не сме сигурни, дали е само безнадежно наивен, или гение. Она што бар може да го провериме е дали навистина бил четврт во пливање на 1500 метри на Олимпијадата во Сеул '88ма. Затоа што ако тоа е вистина, тогаш најверојатно е жив.