Некаде „на крајот на светот“ е сместен Вануату, архипелаг во јужниот Пацифик. Во митологијата на тукашното население постои верување дека еден ден тука ќе пристигне месија од далечна земја, кој ќе им донесе просперитет на островите, таков кој им бил одземен од поранешните колонијални владетели, Британија и Франција. Антрополозите го сметаат ова верување како дел од „карго“ култовите, термин кој можеби и не е најсоодветен бидејќи се фокусира на материјалното со коешто е опседнат западниот свет. Во минатите 50 години река западњаци кои знаат за ова пророштво се појавуваат тука во надеж дека ќе соберат доволно поддржувачи и ќе бидат прифатени како месии.
Фантазијата на тоа да се биде обожуван од народи во изолираните ќошиња на светот е дамнешна - раните европски истражувачи како капетан Кук наводно биле пречекани како божества од локалците. Сонот се одржал од Робинзон Курсо до колонијалната фикција како онаа на Киплинг, чија цел била уште подлабоко да ја втемели идејата за западното право да се владее.
Но и покрај сето негативно искуство со колонизаторите, од необични причини дел од овие народи го посакуваат нивното враќање, не затоа што многу ги сакаат луѓето, туку затоа што сметаат дека некои од технолошките иновации на белиот човек би им дошле добро. Секој февруари мажите од Вануату прават пушки-мускети од бамбус, се облекуваат во униформи и маршираат низ улиците салутирајќи кон американското знаме. Според нив ова ќе поттикне враќање на човек кој ќе им ги донесе потребните нешта, но и ќе им биде праведен водач.
Празникот се нарекува Ден на Џон Фрум, кој наводно го посетил островот Тана во овој архипелаг во годините околу Втората светска војна. Сепак точниот идентитет на човекот не е никогаш утврден. Се претпоставува дека култот кон него е резултат на присуството на американски трупи со 50.000 војници во тој период на островите, кои со себе носеле големо количество на „карго“ односно потрепштини. Околу 10.000 домородци работеле во армиските кампови, обезбедувајќи логистичка поддршка, и со свои очи можеле да се уверат во „богатството“ на белите луѓе. Кога Американците заминале, останало верувањето дека тие некогаш ќе се вратат, но само ако се одржи континуитетот на врската, која сега можела да биде само симболична. Оттаму, не само што секој февруари населението ја изведува симулираната парада на американските војници, туку одржува и платформи за нивните авиони, за тогаш кога ќе пристигнат, да можат полесно да слетаат.
Иако може да делува дека островјаните се наивни и подложни на авторитетот на туѓинците, приказната има и друга страна - локалните поглавари сакаат да го искористат карго култот за да се здружат со белите луѓе (иако знаат дека помеѓу нив има секакви будали) и да ги искористат за моќ во локалната политика, а секако и „каргото“ кое тие би го донеле, особено ако станува збор за оружје и муниција.
Нова книга под наслов „Мажите кои сакаат да бидат кралеви“ од Џон Тонкс и Кристофер Лорд, се осврнува на овие верувања кои се всушност двонасочни - ем домородниот народ верува во моќта на белиот човек, ем мажите од Европа и Америка кои доаѓаат на Вануату веруваат дека ќе бидат прифатени како пророци.