Стивен Пинкер, лингвист и „когнитивец“, во неговата позната (и критикувана и фалена) книга „Подобрите ангели на нашата природа“ од 2011, ја истражуваше човечката тенденција кон насилство. Притоа, тој го документираше постојаното ОПАЃАЊЕ на насилството во неколкуте претходни векови, што според него е „најзначајниот и најмалку вреднуваниот развој во историјата на нашиот вид“.
Сега, при крајот на годинава, новинарка од Вокс го интервјуира Пинкер обидувајќи се да му докаже дека неговиот оптимизам не издржал ни пет години. Ама, Пинкер не се дава.
2016 беше неверојатно стресна и насилна година за многумина. Имате ли некој совет?
Стивен Пинкер: Гледајте во историјата и во податоците, не во насловите на вестите. Светот продолжува да се подобрува на секој начин. Екстремната сиромаштија, детскиот морталитет, неписменоста и глобалната нееднаквост се на историски најниско ниво; вакцините, основно образование кое ги вклучува девојчињата и демократијата се на историски највисоко ниво.
Смртните случаи во војни пораснаа од 2011 заради сириската граѓанска војна, но тие се сепак малку во однос на нивоата од 1950-тите до раните 1990-ти, кога беснееа големи војни и геноциди низ светот. Мировниот договор во Колумбија го означува крајот на последната војна во западната хемисфера, и последниот остаток од студената војна. Стапката на убиства во светот опаѓа, а онаа во САД е пониска од кога и да е помеѓу 1966 и 2009. Вон воените зони, смртните случаи од тероризам се помалку на број отколку што биле во времето на Ведермен, ИРА и Црвените бригади.
Но сега имаме претседател кој рече дека нема да ги брани американските сојузници во НАТО ако бидеме нападнати од странска сила, и кој има силни врски со Русија. Неговиот избор доаѓа по Брегзит. Овие работи изгледаат како закани за глобалните институции кои помогнаа да се одржи мирот изминативе години.
Неколку лоши нешта им се случија на светските демократии во 2016, и изборот на превртлив и игнорантен претседател предизвикува вознемирувачки степен на несигурност во меѓународните односи.
Но важно е да се остане кул и да се идентификуваат поединечните опасности, а не да се биде надвладеан од некаков апокалиптичен мрак. Брегзит можеби не е добар, но нема да доведе до војна помеѓу Британија и Германија или Франција. Блискоста со Русија можеби е вознемирувачка, но веројатно ќе ги намали, а не зголеми, шансите за голема војна.
Лесно е да се посегне по историски аналогии и да се шпекулира за руска или кинеска империјална експанзија, но мораме да ги земеме предвид разликите помеѓу сегашните и минатите случаи, не само сличностите, и тогаш ќе сфатиме дека разликите се суштински.
Дали сте загрижен за расистичките тенденции во САД?
Пазете се од наслови. И пазете се од статистики произведени од организации чие финансирање зависи од наметнувањето страв и гнев - тие никогаш не смеат да се земаат здраво за готово.
Имаме причини да се сомневаме дека ќе видиме голема серија пост-трамповски подем на насилство заради омраза. Стапката на ваквите кривични дела ги следат оние на генералниот криминал, а тој забележа пораст во 2015, пред трампизмот. Секако, Трамп го искористи ова за да прошири паника за состојбата на нацијата.
Генерално и на светско ниво, трендот кој трае со децении за расна толеранција е премногу силен за да се преиначи само од еден човек. Во сите земји анкетите на јавното мислење покажуваат постојано опаѓање на расните и верските предрасуди, и тоа дека во иднина младите ќе бидат уште помалку склони кон предрасуди од постарите. Како што мојата генерација „бејби бумерс“ (кои помогнаа да биде избран Трамп) ќе изумира и ќе биде заменета од милениумците (кои го отфрлија), светот ќе стане потолерантен.
Дали се оптимистичен за иднината?
Никогаш не сум бил „оптимистичен“ во смисла на тоа да ја гледам чашата полуполна - таков сум само во смисла на анализа на трендовите, а не на насловите. Ирационално е и да се игнорираат добрите развои на настаните, а да се разубавуваат лошите.
Но повеќето глобални долгорочни трендови беа позитивни. Што се однесува до иднината, сакам да укажам на разликата која ја прави економистот Пол Ромер, помеѓу самодоволниот оптимизам, чувството на дете кое чека подарок, и условениот оптимизам, чувството на дете кое сака куќичка на дрво, и сфаќа дека ако собере штици и шајки, и ги убеди другите деца да му помогнат, може да ја изгради самиот. Не сум оптимист во првата смисла, но сум во втората.