Во 74-тата година пред нашата ера група пирати направиле голема грешка кога заплениле брод крај брегот на Мала Азија, во денешна Турција. Тие киднапирале еден од патниците, млад жител на Рим по име Јулие Цезар заедно со неговата придружба, и побарале откуп од 20 таланти (околу 650 килограми сребро). Цезар, тогаш во средина на неговите 20-ти, и на пат да студира реторика на Родос, почнал неконтролирано да се смее. Очигледно пиратите не знаеле за кого станува збор - тој не вредел 20, туку цели 50 таланти! Иако зачудени, пиратите се согласиле со повисокиот откуп, ослободувајќи неколкумина од заточените за да ги донесат парите.
Пиратите во тоа време биле озлогласени напасти на Медитеранот. Но и покрај нивната репутација, Цезар не им се потчинил. Им велел да молчат кога сакал да спие, „како да не му се чувари, туку кралски телохранители“, пишува Плутарх. Им се придружувал во игрите, ги опсипувал со говори и поезија, потсмевајќи им се дека се неписмени варвари. Им ветил дека кога ќе биде ослободен ќе ги уништи до еден. Пиратите пак сето ова го прифаќале со симпатии, како момчешко дрдорење.
Кога пријателите на Цезар се фратиле со откупот, пиратите го пуштиле. Веднаш заминал за Милет, покренал флота и се вратил кај своите киднапери. Откако им го запленил богатството, ги заробил, ги одвел до градот Пергамон и побарал локалниот гувернер да ги егзекутира. Кога овој одбил, Цезар наредил тие да се распнат, иако никој не му дал дозвола за истото.
Подоцна во својата кариера Цезар ја користел оваа приказна за да укаже на потребата да се биде поодлучен со пиратите, а не да се преговара за намалување на нивниот профит. Но во анегдотата има уште една поука, која е актуелна и денес. Како и сите претприемачи, успешните криминалци мораат постојано да ја проценуваат врската помеѓу ризикот и она што можат да го добијат како награда.
Очигледно проценката на пиратите не била баш добра. Нивниот заточеник вредел повеќе отколку што барале - иако млад, Цезар веќе бил познат воин, правник и оратор. Тетка му била мажена за Гај Мариус, познат генерал и седумкратен конзул на Рим. Татко му бил гувернер на Мала Азија. Пиратите го потцениле ризикот, со фатални последици.
Средновековните витези носеле штитови со грбови на нивните семејства, што индиректно ја сигнализирало и нивната вредност како киднапирани. Сепак ова значело и дека повеќе вредат живи отколку мртви, па ризикот да бидат убиени (освен случајно) бил помал. Еден таков случај бил англискиот крал Ричард Први, киднапиран во 1192 на пат кон дома од крстоносен поход. Хенриx Шести, Римскиот император, за него барал 45 тони (!) сребро. Хенриx добро изиграл: го натерал Ричард да се заколне на сојузништво со него, ги игнорирал противењата на папата за тоа што киднапирал крстоносец, а потоа го искористил среброто за да финансира инвазија на Сицилија. Точно ги проценил и ризикот и наградата.
Во 20 век киднапирањето еволуирало во криминален потфат од огромни размери. Грабнувањето деца на богати семејства често било на насловните страници, од бебето на авијатичарот Чарлс Линдберг во 1932, до Пети Хрст, наследничка на медиумско богатство во 1974. Тогаш криминалците сфатиле дека има повеќе логика да се киднапираат поголем број, но помалку славни личности. Во Аргентина во 1970-тите герилците почнале да киднапираат директори на големи компании. Работодавците не сакале да преговараат и плаќале колку што им било побарувано, што охрабрило уште повеќе киднапирања и вртоглаво ги зголемило цените. Во еден случај биле побарани, и добиени, 60 милиони долари, највисокиот познат откуп во модерно време.
Сепак, ова не траело долго. Компаниите почнале да се осигуруваат против киднапирање и уцена, што значи дека им било компензирано ако плателе откуп. Но осигурителните компании барале контрола врз преговорите и обезбедувале свои експерти кои комуницирале со киднаперите. Тие понекогаш успевале да го намалат откупот и до 90%. Кога веќе немало компании подготвени веднаш да платат, и бројот на киднапирањеа опаднал. Држењето киднапирани подолго време го зголемувал директниот трошок за грабнувачите и го зголемувало ризикот да бидат фатени. Наградата опаднала, а ризикот се зголемил.
Модерните киднапери преминуваат од луѓе кон податоци. Сајбер-криминалците влегуваат во мрежи, енкриптираат податоци и бараат пари за сето тоа да го вратат на место. Ова се има случено со компании, болници, доводи на нафта. Во мај 2021 „рансомвер“ напад ги прекинал доводите на нафта до источниот брег на САД. Компанијата платила 75 биткоини или 4,4 милиони долари за откуп на своите податоци. Има и голем број слични напади за кои никој не знае, освен тесен круг луѓе.
Киднапирањето податоци е помалку ризично отколку киднапирање луѓе, а наградите можат да бидат огромни. Криминалците не мора да се доктори на науки по компјутерско инженерство. Софтвер за упад и енкриптирање може да се купи на „дарк веб“, а бизнисот на преговарање за откуп може да го вршат и специјализирани поединци само за тој дел од работата. Испитување на мрежите на компаниите за да се најдат нивните слаби места е брз и лесен и постојат милиони потенцијални жртви. Иако можат да бидат платени во криптовалута, дата-киднаперите одат по истата логика на изнудување како и пиратите од древни времиња. Само овие модерниве малку повеќе ја разбираат врската помеѓу она што го ризикуваат, и она што можат да го добијат.