Архитектонски маки на Французите

Облакодерот кој ги нервира Парижани

Неодамна во „градот на светлината" беше одобрена градбата на првиот облакодер по 42 години. Таканаречената „Кула-триаголник" ќе биде висока 180 метри, а ќе вклучува хотел и деловни простории. Ваквата одлука ги разбранува француските архитектонски кругови на истиот начин како што тоа се случи во 1973, кога беше изградена 210-метарската Тур Монпарнас.

Тогаш противниците на високиот објект се бунеа поради неговата фасада направена во тн. бруталистички стил, но и поради фактот дека таа ја попречувала глетката на којашто до тогаш биле навикнати. Во 1977, за да се спречат понатамошни „монструозности" од овој тип, градот носи регулатива која забранува згради повисоки од 37 метри. Но во 2010 регулативата се олабавува заради растечкото население на Париз, па сега резиденцијалните објекти можат да достигнуваат до 50 метри, а комерцијалните до 180. Ова значи дека Кулата-триаголник ќе ја достигне максимално дозволената висина, што многумина го толкуваат како влегување во втора фатална архитектонска грешка.

Париската архитектура главно е дефинирана во периодот на 19-век и владеењето на Наполеон Трети, со реновирањето на Париз од страна на Жорж-Еуген Хаусман, кога биле демолирани нездравите средовековни населби а изградени широки авении, паркови и плоштади, како и нова канализација. Според историчарите на архитектурата, убавината и богатството на град како Париз произлегува од комбинираниот ефект на многубројни мали згради кои се во естетски соживот. Тие овозможуваат јасен поглед кон Ајфеловата кула и ги надополнуваат другите споменици кои ја дефинираат архитектурата на градот, како Богородичната црква или Триумфалната капија. Од друга страна, модерните кули, како споменатата, „не се во однос со ништо друго освен со самите себе".

На политичарите пак високите згради им изгледаат како симбол на современото, само затоа што такви имаат градовите-ривали. Париз особено има тенденција да се споредува со Лондон, каде ваквите кули почнуваат да никнуваат како печурки. Од друга страна, според швајцарскиот филозоф Алан де Ботон, пет спрата е идеална висина за една зграда, бидејќи она што е повисоко прави да се чувствуваме „безначајни, мали и тривијални". Можеби една кула нема суштински да го смени духот на Париз, но критичарите се плашат дека ова би можело само да биде вовед во поголем број облакодери, кои би го нарушиле центарот. 

23 јули 2015 - 23:25