А. Џ. Џејкобс го знаеме по неговите авто-експерименти, кои до сега вклучуваат заклетва за целосна искреност, буквално следење на десетте Божји заповеди и читање на целата Енциклопедија Британика (види претходно тука). За него пишувавме и по повод излегувањето на неговата книга, „Илјадници благодарности“ во која го документира својот потфат да им се заблагодари на сите кои имале врска со неговото утринско кафе.
Во нова тематска епизода на подкастот „Молецот“ (The Moth), под наслов „Храброст“, Џејкобс пред публика во живо зборува за своето искуство со „несакана позирачка задача“ која ја добил во 2002, додека работел за списанието „Ексвајер“. Сè почнало кога уредникот го задолжил да ја исконтактира познатата актерка Мери-Луиз Паркер („Куршуми над Бродвеј“ на Вуди Ален, „Портрет на една дама“ на Џејн Кемпион, серијата „Вест Винг“ и др.) за да се договорат за тема на којашто таа би напишала колумна.
Џејкобс ѝ се јавува, но воопшто не е воодушевен од нејзината идеја - да пишува за своето искуство како тетка на 8-годишна внука. Ексвајер е имено машко списание (така и пишува во неговиот импресум: „машка мода, коктели, политика, интервјуа“) и темата не е баш соодветна. „А како би било да ме сликате гола и да напишам текст за тоа?“, настапува таа со втор предлог. „Прифатено!“ - очекувано воскликнува новинарот. „Ама има една фуснота“, вели умната Паркер. „И ти ќе треба да се сликаш, и исто така да го опишеш своето искуство“.
Џејкобс не се сеќава на својата првична реакција, но во својот текст објавен по завршувањето на „проектот“, Паркер го има опишано вака:
„Мојата понуда беше дочекана со ужаснато смеење, начин на кои луѓето реагираат на нешто што е истовремено и привлечно и гротескно, како две мачки што имаат секс, или дете кое повраќа во својата велигденска кошница“.
Очекувањата дека уредникот или неговата сопруга ќе бидат против идејата Џејкобс во ретроспектива ги оценува како „ужасно потценување“ - тие се ентузијастично „за“, особено жена му која во ова гледа шанса тој малку да подослабне. Немајќи каде, ги поминува следните две недели држејќи диета и вежбајќи, иако има нешта од кои не може да се ослободи, како вдлабнатината помеѓу ребрата која додуша „добро доаѓа како држач за сапун кога се тушираш“. Фотографската сесија е пресмешна, особено затоа што фотографот е со тежок шкотски акцент, па не можат баш да се разберат додека му дава инструкции, како „да си го прибере стомакот“ или „да не ги раскрстува нозете затоа што му се гледа ’чоперот’“. Џејкобс интензивно размислува за смислата на животот, фактот дека и онака сите ќе умреме и со тоа нема да биде важно што Гугл памти сè, но и за тоа дали табуретката на којашто седи била на хемиско ако некој друг гол задник претходно седел на неа.
Фото сесијата поминува, текстовите и сликите излегуваат и реакцијата на читателите е генерално одлична. За тоа според Џејкобс помагаат и ретуширачките финти, „дефорестацијата“ на неговите нозе и осветлувањето кое разоткрило мускули кои и не постојат. Како што опишува во текстот кој следел, целото искуство му било просветлувачко, но од помислата на сликање гол (или барање некој/а да го стори тоа) сега му се повраќа, и тоа „во велигденска кошничка“.
Слушнете ја епизодата тука