Полоши од оние што воопшто не читаат се веројатно оние кои сметаат дека читањето ги прави подобри луѓе од оние „сељаците", и кои секоја можна прилика ја користат да го потенцираат тоа. Постои и цела индустрија на производи кои сигнализираат наводна начитаност, од маици со цитати од познати писатели, до магнети за фрижидер со насловни од славни романи. Притоа не е важно што и колку читаш, туку што сметаш дека читањето е генерално кул.
Но во ваквата атмосфера на лажно библиофилство се појавува еден цел нов жанр книги за книги, мешавина на книжевна критика, автобиографија, самопомош и аналитичко новинарство, во кој авторите самите си задаваат некаква тешка читачка задача, и потоа раскажуваат за искуството низ кое минале. Целта е да се покаже дека читањето, да, е кул, но дека тоа понекогаш бара и време, и посветеност и магарешки инает. Особено со вакви задачи.
Еве некои од нив. А. Џ. Џејкобс минал една година читајќи енциклопедија за да ја напише „Сезнајко: понизниот потфат на еден човек да стане најпаметниот на светот" (2004). Амон Ши го прочитал целиот Oxford English Dictionary за неговата книга „Читајќи го OED: еден човек, една година, 21,730 страници" (2008). Во „Сите пет стапки" (2010) Кристофер Беха ги прочитал сите изданија од познатата едиција Harvard Classics во тек на една година, додека страдал од тешка болест и му умреле блиски од фамилија. А пак Сузан Хил во „Хауардс енд е на најдолната полица" (2010) се посветила на читање само на книгите кои веќе ги имала во домашната библиотека, без во меѓувреме да биде повлијаена од листи на бестселери, факултетски курикулуми, од тоа кој добил Букер или Пулицер, од реклами, па дури ни од слушнати препораки од пријатели.
Ваквото „екстремно читање" бара посебни доблести: цврстина на карактерот, издржливост, желба за работа врз себе. И доза перверзија. Ако го читате по ред она што е во вашата библиотека, можете да бидете речиси сигурни дека никој друг пред вас ги нема читано токму тие книги, токму по тој распоред. Во мојата библиотека, на пример, десно од поезијата на Борхес е роман на Буковски, а лево книга за масажа, што и не е баш „логично". Тоа е елемент на хаос во читачка култура која во моментов е под силно влијание на алгоритми, кои ве возат од едно до друго читателско искуство како по протокол, создавајќи предвидлив синџир на „оние кои ја купиле оваа книга исто така ја купиле.." или „оние на кои им се допаднала таа и таа книга исто така ја сакаат и..".
Погоре споменатите читачки „проекти" покажуваат дека читањето може да биде и експеримент, и авантура, и начин за самодисциплина. А можеби и знак на аздис и вишок слободно време.