А. Џ. Џејкобс е познат по своите авто-експерименти. До сега тие вклучуваа заклетва за целосна искреност (без никаков филтер помеѓу мозокот и устата, што според него поминало „ужасно“), буквално следење на десетте Божји заповеди и читање на целата Енциклопедија Британика, за што му била потребна цела година. Овие искуства ги има преточено во книги, од кои четири станаа бестселери. Сега има нова книга под наслов „Илјадници благодарности“.
Во неа тој го документира својот потфат да им се заблагодари на сите кои имале макар и најмала врска со неговото утринско кафе. И ако ова ви изгледа едноставно, воопшто не е. Почнал со дечкото што му го донел кафето. Па девојката на шанк што му го направила. Ископал начин да дојде до дизајнерот на логото, возачот на камионот кој ги возел зрната кафе. Заминал дури и во Јужна Америка за да им се заблагодари на одгледувачите на кафето. На крај излегло дека за едно единствено кафе требало да им се заблагодари на над илјада луѓе.
Тој го нарекува ова „синџир на благодарноста“, и секако не важи само за кафе туку и за што и да е. Тоа е повеќе состојба на умот, да се биде свесен за илјадниците луѓе вклучени во едно мало нешто кое ни е потребно, корисно или убаво. Дека некој во фабрика го направил троседот на кој сега седите, чиповите на телефонот или на лаптопот кој ви овозможува ова да го читате.
Во подкастот Ted Radio Hour се вклучени снимки од неговите телефонски разговори со луѓето на кои им се јавил да им се заблагодари за самото учество во подкастот во кој се промовира неговата книга. Повеќето од нив се зачудени, изненадени и самите благодарни („Фала што ми велиш фала“, вели еден од нив). Тука се вклучени продуцентите, монтажерите, водителите, но и производителот на микрофоните, па дури и Тим Бернерс-Ли, изумителот на интернет, без кој подкастот не би можел да се пренесува онлајн.
Иако може да звучи лигаво и како некаква мини-психотерапија, поентата на Џејкобс е во нешто друго - разбивање на таканаречената „хабитуација“ или навикнувањето на нашата околина која ни овозможува да бидеме ефикасни, но и прави да престанеме да ги забележуваме деталите и да ги земаме работите здраво за готово.
На пример - ги знаете оние хартиени обрачи околу кафето за да не си ги изгорите прстите? Џејкобс дознал дека има и посебно име за нив - Зарф (Zarf) и дека слични на нив се правени во древна Кина и во арапскиот свет, само од поубави и уметнички обработени материјали. Модерните зарф-ови ги измислил некој човек од Сиетл, кој си ги изгорел прстите додека возел и пиел кафе, и се сетил на можно решение. Нему можат да му заблагодарат милијарди прсти кои не биле изгорени од врело кафе.
Останува да му заблагодариме на Џејкобс за овој негов експеримент.