Нов вид, „солидарен“ туризам

Шетањето заради проширување на видици за други култури, дружење, правење селфиња и купување сувенири не е ослободено од политички и идеолошки бремиња. Едно движење се обидува да ја промени природата на оваа индустрија, инсистирајќи на тоа посетителите на одредено место да добијат пореална слика за тоа каде навистина дошле.

„Солидарен“ или етички туризам е генерален термин за повеќе различни видови туризам: деколонијалистички, критички или политички. Нивното практикување е директен резултат на оној тип туризам којшто тие го критикуваат - таков кој подразбира значајни штети по животната околина, кој ги есенцијализира и егзотизира „другите“ и ги редуцира локалците само на луѓе кои обезбедуваат услуги за посетителите. Ова е многу слично на начинот на кој традиционално белиот колонијализам се однесувал кон своите „субјекти“. 

Туризмот на солидарноста оттаму е реакција и на масовниот туризам од средината на 20 век, кој пред пандемијата претставуваше индустрија од трилион долари, и на транснационалниот активизам. Надоврзувајќи се на претходни традиции на привлекување патници заинтересирани за револуционерни движења (како она на сандинистите во Никарагва од 1970-тите) или за запознавање на други култури со активно учество во нивниот секојдневен живот (тренери по одредени вештини, наставници по странски јазици и сл.), солидарниот туризам претставува отпор кон потрошувачката индустрија за којашто смета дека е еколошки и социјално деструктивна. Наместо ова, членовите на овие групи создаваат економски можности за локалните заедници, обезбедуваат реални културни размени помеѓу туристите и резидентите, и ги образуваат патниците за социјалните, политичките и еколошките проблеми кои ги мачат местата што ги посетуваат. 

Вакви туристички „агенции“ има во повеќе земји, под различни имиња. На Хаваи, на пример, туристичката мека пар екселанс, стереотипно претставена со укулелиња, венчиња од цвеќе и бесконечни песочни плажи, група под име ДеТурс се обидува да претстави пореална слика за тоа како изгледа животот на овие острови, кои не се баш мултикултурен рај, каков што го прикажуваат холивудските филмови. Овие тури се бесплатни а водичите работат на волонтерска база. Честа локација им е Перл Харбор во контекст не само на познатите настани од 1941, но и на актуелната воена база којашто е стационирана таму. Се посетува и палатата Јолани, последната резиденција на хавајската монархија, но и работничките маала како Калихи кои не се дел од вообичаената туристичка понуда. Целта на ДеТурс е да споделат „кулеана“, верување во одговорноста кон земјата и она што се поседува, за кај посетителите да се развие чувство за место коешто не е нивен дом. 

„Ајвитнес Палестајн“ ги носи посетителите на окупираните територии за да ги запознае со условите со кои се соочуваат Палестинците, и да се сретнат и со палестински и со израелски миротворци. Основана во 2001, оваа образовна програма почнала како дел од активности на организација за мир и правда, но денес организира три тури годишно, кои се поврзани со условите со кои се соочуваат палестинските земјоделци, прашањата на расата, социјалното потекло итн.

Ова се само два од многуте примери за вакви групи и тури низ светот. Тие велат дека пандемијата на некој начин претставува можност да се преобмисли што е она што луѓето навистина го сакаат од туристичката економија. 

извор

30 март 2022 - 16:44