Во Франција во моментов е во тек претседателска кампања, а истовремено провокативниот Мишел Уелбек издаде роман кој е тесно поврзан со претстојните избори. Неговиот наслов е „Уништи“ (Anéantir), има 730 страници, а првиот тираж му е во „скромни“ 300.000 примероци.
Книгата почнува во тек на фиктивни претседателски избори во 2027. Радикално десничарскиот кандидат Ерик Земур сè уште предизвикува контроверзи (види „Франција извади уште ’по Ле Пен’ претседателски кандидат“). Сегашниот пак претседател Емануел Макрон е уште еден реален лик, додуша неименуван, а присутен е и Бруно Ле Мер, сегашниот министер за економија. Ле Мер, инаку пријател на Уелбек, е инспирација за Бруно Жуж, еден од протагонистите во приказната.
Во книгата Жуж е критички настроен кон претседателот (фиктивниот Макрон), во еден момент изјавувајќи дека тој има само еден политички став, а тоа е дека е создаден да биде претседател. По два мандата под негово водство, Уелбек опишува земја која е на колена, со високо ниво на невработеност и сиромаштија.
И претходни сатири на истиот автор (ако воопшто можат да се подведат под овој жанр) имале влијание врз француската политика. Во неговиот бестселер од 2015, „Потчинување“, Франција бира претседател-муслиман, па романот го поттикна потиснатиот страв од исламизирање на Франција. Тогаш Гардијан го праша авторот дали е исламофобичен, а тој одговори со „веројатно да“. Во романот „Серотонин“, пак, тој ја критикуваше глобализацијата и ЕУ (Букбокс осврт за неа види тука).
До сега критиките за новиот роман се позитивни. Ле Монд го нарече „политички трилер кој завлегува во метафизичка медитација“, иако имаше и такви кои го оценија како предолг и „за проѕевање“.