5-хидрокситриптамин, хормон и невротрансмитер, чиј недостаток во човечкиот организам доведува до нарушување на расположението во вид на депресија или анксиозност, несоница и малаксаност. Медикаментозното предозирање со него, пак, може да предизвика треска, висок крвен притисок, дезориентација, тахикардија и намалена сексуална желба.
Кога професорот по книжевност Франсоа среде сите политички турбуленции опишани во претходниот роман на Уелбек, „Покорување“ (Букбокс осврт тука), не покажа чувства кои ја надминуваат обичната загриженост, и ни малку не се потресе кога почина мајка му, бевме сведоци на последиците на едно „долготрајно опаѓање на севкупноста на функции што ѝ се противат на смртта“. Тогаш Уелбек ја разреши судбината на својот главен лик со тоа што го натера да ѝ се покори новата, радикална идеологија, која му обезбеди насока, па дури и целисходност, на неговиот инаку обесмислен живот.
Тешко беше да се претпостави дека тој ќе може да испроектира нешто уште повознемирувачко од својата визија за Франција во 2022, земја во која претседател е радикален муслиман, дозволена е полигамија, а на приватизираната Сорбона можат да предаваат само оние кои ќе сменат вера. Па сепак, и покрај својот мрачен пророчки квалитет и боцкавата сатира, „Покорување“ делува како полу-празна чаша, споредено со целосно празната на „Серотонин“, од која како некој тукушто да испил отров.
Тешко е да се наброи што сè не е во ред со светот опишан во книгата - нашиот - чиј главен проблем е што во него веќе не постојат историски услови за среќа. Со тоа што веќе нема само еден виновник за човечката состојба кон кого може да се покаже со прст (политичари, корпорации, муслимани, жени), Уелбек преминува во нова егзистенцијална конфигурација - терен на очајот каде веќе не постои ни она нешто помало од надеж, кое го нарекуваме неизвесност. „Не успевам да се справам со комплексноста на светот во кој сум фрлен, па така моето однесување, што не се обидувам да го оправдам, и самото станува неразбирливо, шокантно и неисправно“, вели тој во еден момент, на тој начин опишувајќи го не само сопственото поведение, туку и она на сите околу него.
По образование, исто како и Уелбек, земјоделски инженер, задолжен за усогласување на европското законодавство со француското во оваа област, главниот лик во „Серотонин“, Флоран-Клод Лабруст, набргу сфаќа дека оние на кои треба да им помогне - земјоделците - се на раб на пропаст заради принципите на слободен пазар кои ги наметнува ЕУ. Особено се погодени оние кои согласно семејните традиции сакаат да си ја одгледуваат стоката и посевите по старински, без ГМО, и со почит кон старите рецепти за производство на најпознатите локални продукти. Тие - а не некои радикални муслимани - се новите „одметници“, понижените и навредените, врз чија трагична судбина тој не може да влијае.
И ова е само еден од аспектите на неговите неуспеси на сите полиња: како нечиј син, љубовник, пријател, како човек. Единствената општествена функција која му носи некакво признание е онаа на потрошувач - на алкохол во локалните кафани, на еден од дваесетте видови хумус во супер-маркетите, на изнајмени соби, оние малкуте останати во кои се пуши. И на пакетчиња „капторикс“ - нова генерација антидепресиви, која „им овозможува на пациентите со нова леснина да ги интегрираат главните активности од нормалниот живот во рамките на напредното општество (тоалети, општествен живот сведен на добрососедски односи, едноставни административни процедури), без да ја поттикнува склоноста кон самоубиство или кон самосакатење“.
Но нуспојавата на серотонинските таблети е намалувањето, а потоа и целосното отсуство на сексуалниот жар - она што кај Уелбек е симбол на жед за живот воопшто, ерос-от кој хемиски репресиран нема друго чаре освен да премине во танатос. Нишалото помеѓу двете серотонински крајности - екстазата предизвикана од безусловната љубов и од сексуално задоволство, и вината од нивното отсуство придружено со спомени на некогашната среќа, е она чиј звук го слушаме низ поголемиот дел од книгата. До моментот кога тоа ќе застане и ќе се успокои, што го означува и крајот на животот.
Додуша, во книгата поединци црпат задоволство и од, во најмала рака, крајно сомнителни извори. Десетгодишни девојчиња, добермани и убиства, ним нашиот лик не им се поддава, но не заради некаква морална стаменост, туку просто затоа што не е способен за ниту едно радикално дејство. И кога на крај се најавува неговото можно самоубиство, реално е да помислиме - дека нема да успее дури ни во тоа.
Честитки за македонскиот издавач за брзата реакција и за квалитетно изработениот производ, од превод до дизајн на корица. Му препорачуваме со оглед на содржината на книгата на читателите да им дели и едно вистинско „аперче“, макар и плацебо. Кое ќе нè залаже, и така ќе ни помогне да живееме, или барем да не умреме...некое време.
Илина, Букбокс