Букбокс читанка

„Покорување" од Мишел Уелбек

Нешто повеќе од една година по излегувањето на романот и трагичните настани со коишто беше (не)намерно поврзуван, со малку постудена глава да видиме - за што зборува романот на Уелбек?

На 5 јануари 2015, пред официјалното појавување на шестиот роман на Уелбек во книжарниците, водачот на десничарскиот Национален фронт, Марин Ле Пен, еден од ликовите во книгата, изјави: „Ова е фикција која еден ден ќе стане стварност".

Истиот ден, претседателот Франсоа Оланд рече дека иако со тешко срце, има намера да ја чита книгата „затоа што таа поттикнува дебата". Сепак, предупреди дека Франција „со векови има наклонетост кон компулсивен песимизам", веројатно мислејќи токму на оној на Уелбек.

Два дена подоцна ликот на авторот се појави како карикатура на насловната на Шарли Ебдо, со наслов: „Предвидувањата на пророкот Уелбек: во 2015 ќе ми паднат забите. Во 2022, ќе постам за Рамазан".

Токму на тој 7 јануари Шарли Ебдо беше нападнат од маскирани вооружени лица, кои убија осум од нивните вработени.

Само неколку часа пред нападот, Уелбек во интервју за радио Франс Интер изјави: „Во земјава има вистинска одбојност кон сите авторитети...Се чувствува дека ова не може да продолжи. Нешто мора да се смени. Не знам што, но нешто"

Интервјуто беше дадено по повод излегувањето на новиот роман „Покорување", токму тој 7 јануари. Неговото промовирање заради трагичните настани беше одложено, а авторот евакуиран вон Париз.

Што има толку страшно во книгата што доведе до тоа сето ова да биде толкувано како повеќе од коинциденција? Кога на непрочитано пишувавме за неа (тука), таа ни се виде како остра критика на тоа како стојат работите не само во Франција туку и во Европа. Сега таа ни изгледа уште пострашна, како дело на нихилист, кој единствена алтернатива на покорувањето на неодминливата промена на политичкиот пејсаж во својата земја гледа во - смртта.

Годината е 2022 и Франција е во голема политичка криза, која доведува до чести насилства. Замислената партија „Муслиманско братство" води на претседателските избори против националистичкиот, анти-имиграциски Национален Фронт. Мохамед Бен Абес, кандидатот на муслиманската партија, е претставен како мудар играч, чии ставови, особено во споредба со оние на десничарите, се прилично умерени, а неговиот медиумски настап одличен. Тој влегува во коалиција со социјалистите од центарот и со некогашната десничарска партија на Саркози, кои пак се принудени на ваков очаен чекор заради блокирање на Ле Пен, кандидатката на Националниот фронт.

Бен-Абес победува и станува претседател на Франција. Земјата конечно се смирува. Но преструктурирањето на општеството се случува прилично брзо. Сорбона се приватизира, а таму можат да предаваат само муслимани. Дозволена е полигамија, а француските интелектуалци кои ќе ја сменат верата се наградени со огромни примања, неколку сопруги и големи куќи. Евреите масовно се исселуваат од Франција заради страв од антисемитизам.

 

И сето ова може навистина да звучи како сатира, а ставовите на Уелбек како хејтање на исламот - стандардното толкување на книгата на нејзините површни критичари. Но тоа дека неговото алтер-его, главниот лик во романот, професорот по книжевност Франсоа, е хејтер, би било дури и добра вест. Тој среде сите политички турбуленции во ниту еден момент не покажува чувства кои ја надминуваат обичната загриженост околу тоа каде и што ќе се јаде, како да се стигне од една точка до друга во Париз додека траат терористички напади, како да се има необврзен секс. Не е воопшто потресен ни кога умира мајка му, а единствената преостаната страст му е опскурен автор од 19 век на кого има докторирано со теза од 780 страници и девојка по име Мирјам, која по извесната победа на муслиманскиот кандидат заминува од земјата, заради еврејското потекло, најверојатно засекогаш.

Гледајќи една вечер низ прозорецот во оние на другите париски „домаќинства", кои главно се состојат од еден човек, Франсоа/Уелбек вели:

„Во однос на тие луѓе јас немав повеќе вистински причини да се убијам. Дури, кога малку подобро ќе размислам, имав далеку помалку причини; мојот живот беше обележан со реални интелектуални успеси, припаѓав на одредено милје - секако исклучително тесно - на признати па дури и ценети луѓе. На материјален план не можев многу да се жалам, можев да сметам на натпросечни приходи до смртта, два пати повеќе од националниот просек, а притоа да не морам ама баш ништо да работам. Па сепак, добро чувствував дека се ближам кон самоубиство, а притоа не сум ни очаен ни кој знае колку тажен; станува збор попрво за едно едноставно долготрајно опаѓање на севкупноста на функции што ѝ се противат на смртта.“

Во најдобрата традиција на француската егзистенцијалистичка школа, главниот проблем на овој човек со сите предуслови за среќа, е отсуството на смисла, поточно личното сведочење на постепеното обесмислување и на она малку во што човек верувал и што му носело радост. Честите сцени на емотивно испразен, платен секс, кои се толку впечатливи што некако не ви се вклопуваат со физикус-от на некој којшто изгледа како Уелбек, најпрвин ги сфаќате во контекст на бесмисленоста, за потоа полека да ви стане јасно дека тој сепак има и малку поинаква идеја отколку базично да ве дразни.

На дваесетина страници пред крајот на романот мозаикот се склопува: кога Франсоа го посетува новиот ректор на Сорбона, којшто суптилно го убедува да премине во ислам и да се врати на професорската позиција, излегува дека раскошната куќа во којашто тој живее со слуги и две сопруги од кои едната има 15 години, е истаа онаа во којашто Доминик Ори ја напишала „Приказната за О." (за којшто пишувавме тука), еротски роман кој зборува за границите на сексуалната и емотивната субмисивност.

„Тоа е покорување", објаснува Ректорот, доведувајќи ја во врска сексуалната со идеолошката потчинетост. „Страшна, едноставна идеја, никогаш порано изречена со таква сила, дека врвот на човечката среќа е во апсолутното покорување. Постои врска помеѓу таквата потчинетост на жената на мажот и покорноста на човека кон Бог каква што ја предвидува исламот".

Иако „покорување" во ушите на многумина звучи како понижување, за оние чиј живот е обесмислен затоа што ниту можат некого да покорат, ниту пак самите веруваат во нешто поголемо од нив, тоа звучи како добра опција. Во ова Франсоа ја гледа својата можност да почне нов живот, а книгата завршува со реченицата: „Нема да имам за што да жалам".

- Дали пишувајќи го романот се чувствувате како Касандра, пророк на апокалипсата?

- Тој не може баш да се опише како песимистичко предвидување. На крајот на краиштата работите не завршуваат секогаш толку лошо.

(Уелбек во интервју за The Paris Review oд 2 јануари).

Да, а?

23 јануари 2016 - 12:20