пишува: Синан Гуџевиќ, Новости
Сакам да го зачувам од заборав разговорот со Мијо Раичевиќ од 10 септември 2020. Се сретнавме во Белград, во кафаната на хотелот Белград Ин. Збор по збор, ја спомнуваме македонската музика. Со таков познавач на музиката и мераклија каков што е Раичевиќ (а утврдивме дека и мене и нему Македонија ни е прабилка на душата), не останува неспомнат ниту еден глас со кој пораснавме. Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски. И секако, секако, сто пати секако, Нина Спирова.
Тука обајцата воздивнуваме. Онака кафански, воздишката е кратка, едвај може да се чуе, но јас и сега уште ја слушам, и неа и нејзиниот оддек. Нина Спирова! Уште само таа е жива од оние чии гласови нè фрлаа во занес, и правеа од нас Македонци. Еден од првите македонски зборови, кои не можеш да ги разбереш ако некој не ти каже што значи, го научив благодарејќи на Нина Спирова: бакнеж! „Еден бакнеж“ во втората половина на шеесетите ја беше освоил Југославија. Пристигна и во понекоја санџачка кафана. На познаниците пијаници им беше секако синоним, но и тајна шифра за „пољубац“. Кога сакаа да слушнат од некого до каде стигнале во освојувањето на некоја девојка, знаеа да кажат, затоа што дискреција мора да има: а бакнеж, ништо, а? Мојот тетин Иљаз Калчиниќ сакаше музика и песна, босанска севдалинка и македонска, а шлагерите му беа деветта дупка на свиралото. Но за Нина Спирова и еден бакнеж зборуваше дека од шлагер во неа нема ништо, туку дека зборот бакнеж и гласот кој го пее директно излегле од рајот. Кога беше во овоземскиот, говореше дека Нина Спирова е единствената пејачка која пее и на струја и на батерии, тоа значеше и народна песна и таканаречена забавна. Мијо пак на ова вели дека Нина Спирова била славеј, дека по гласот со неа може да се мери само Ксенија Цицвариќ. За Мијо, Нина Спирова беше најубавиот глас, а со неа беа Лола Новаковиќ и Сенка Велетанлиќ.
Тука се сеќаваме и на драгата неодамна почината Лилјана Дирјан, која одамна ми ја имаше дадено адресата на Нина Спирова. Америка, Пенсилванија, Филаделфија, Бејбриџ стрит, долго го памтев и бројот на куќата, сега не го знам. Ете, онаа која ни пееше „Бог да бие, кој прв почна да ми оди на печалба в’ Америка“, баш таа отиде во Америка.
Бог да бие кој прв почна,
кој прв почна, мило либе, да ми оди.
Да ми оди на печалба,
на печалба, мило либе, в' Америка.
Три години без работа,
без работа, мило либе, ем без пари.
Параходот веќе пристигна,
пари немам, мило либе, да се качам.
Ако сакаш да си дојдам,
продај си го, мило либе, ѓерданчето.
Ако не стаса ѓерданчето,
продај си го, мило либе, елечето,
праќај пари, мило либе, да си дојдам.
Каква Америка, вели Мијо, знаеш ли дека Нина Спирова живее во Чачак? Не знам, прв пат слушам. Е јас сум слушнал, то ест, прочитав, неодамна, дека се преселила таму. Е подобра вест не можеше да ми кажеш, има да одиме во Чачак и да ѝ чукнеме на врата на Нина Спирова! Да го видиме и да го чуеме од блиску она лице кое ја пее најволшебната химна на меланхолијата: „Зајди, зајди, јасно сонце!“. Е ќе одиме, вели Мијо, и нема да чекаме многу: знаеш каква е Нина, повлечена, скромна, не знаеме ни како е со здравјето. Знаеме дека долго живеела во Белград, можевме да стигнеме до неа кога сакавме, но ние тогашните изгледа дека сме биле поинакви од ние денешните...
Тогаш разговорот преминува на Чачак, се сеќаваме дека во Чачак е роден Богомил Ѓузел, поет, драматург и преведувач македонски, сопруг на нашата чудесна Лилјана Дирјан. Мијо, кој за Службен гласник уреди четири тома од „Медаљони“ на Драгољуб Јовановиќ, раскажува како овој се сеќавал на таткото на Богомил, Димитрија, и на трагедијата околу неговото стрелање во 1945. Димитрија Христов Ѓузелов бил првиот македонски доктор по филозофија. Како првообвинет припадник на Македонската млада тајна организација (ММТРО) на скопскиот „Студентски процес“ е осуден на 20 години затвор за побуна против српската окупација на Вардарска Македонија. По четири години е пуштен, но морал да потпише дека никогаш нема да се врати во Македонија. Протеран е во Србија каде работел како наставник по филозофија, француски и германски во Кикинда, Краљево и Чачак. Така во Чачак во 1939 му се родил најмалиот син Богомил, кој ќе си го скрати презимето во Ѓузел.
Така Раичевиќ и Гуџевиќ таа ноќ го направија Чачак важно гнездо на македонската култура. Не испуштајќи ја од вид Нина Спирова, Раичевиќ рече дека радо би направил интервју со неа, би го објавил во некоја своја книга. Вели дека веќе го прашал Бранко Кукиќ, својот колега од Службен гласник за Нина Спирова во Чачак, Бранко не знае. Бранко е човек со други интереси, макар и близу Чачак да поминал, на пример, Војо Станиќ, тоа на Кукиќ не би му прелетало, но Нина му прелетала Спирова. И забележавме дека Нина Спирова никогаш не сме ја викале ни Нина ни Спирова, туку Нина Спирова, Нинаспирова. Која е тајната на таквото кажување, со тоа не се занимававме подетално. И Никола Бадев го викаме Николабадев, а Заим Имамовиќ повеќе Заим отколку Заимимамовиќ. Македонците и остатокот од светот.
Тогаш ги допревме чудесните приказни за Чачак и Чачанците на Бране Петровиќ. Средиште и врв на тие приказни секако е полицентричната и поливалентна приказна за тоа како Тито го посетил Чачак. Таа сторија ја слушавме од Брана во кафана, секој за себе, секогаш поинаква верзија, приказната се генерираше самата себе, да можеше да ја слушне Карло Емилио Гада би му понудил на Петровиќ товар злато за неговиот work in progress. Мијо е заслужен што нашол и сочувал и пишана верзија, која би можела да се смета за меродавна. Насловот е „Квадратура на кругот“ во неа се опишува дека Тито не го посетил Чачак, смо Синиот воз стоел десетина минути на станица. Брана во прикажувањата ја разработил Титовата посета на Чачак, во пишуваната верзија Чачак се спомнува само како Ч. Трагедијата на Мило Спиноза, филозоф и фотограф, како и полицискиот службеник Зочевиќ направи тој септемвриски четврток Мијо и јас да се смееме (Песоа би рекол) како оние што долго плачеа. Се разидовме доцна и бевме среќни што прв пат во овој живот некаде ќе патуваме заедно. Во Чачак, да ја видиме и да ја слушнеме Нина Спирова.
Минаа 12 денови, во нив имаше разни настани, повеќе пати се слушнав со Мијо и секој пат ја споменувавме Нина Спирова. Мијо: Ventiquattromila бакнежи. Јас: Пат околу светот за осумдесет бакнежи...Дванаесетиот ден, вторник 22 септември 2020, ми стигнува порака од Мијо, преку мејл, испратена во 6:44. Вака стои: „Сепак Нина ни избега, Синане...Ене ја во Филаделија, задња пошта УСА илити САД“. И уште стои: „Ете, си спомнавме на нејзиниот ангелски глас синоќа, па и утринава, вака в мугри, ми е мило да се потсетам“.
Помеѓу стојат два линка, еден македонски, другиот српски, за смртта на Нина Спирова. Која од овој свет заминала на 11 септември 2020 во Америка во Филаделфија. Заминала утредента откако Мијо Раичевиќ и јас се договоривме да ја посетиме во Чачак. Мијо е и првиот кој ја нарече само Нина. Тој ја сакаше до небо, нему му се може.
Во Чачак Нина Спирова не живеела. Не знаеме ни дали имала некого таму. Не знаеме ни како дошло до тоа некаде да се објави веста за нејзиното доселување во Чачак. Мијо Раичевиќ е човек од доверба, но некоја неодговорно објавена новинарска статија го излажала. Како, од каде, зошто, тоа не го разбравме. И уште не знаеме, и не знаеме дали ќе знаеме.