Од 1 октомври на летовите на Japan Airlines, најголема авио компанија не само во Јапонија туку и во цела Азија, наместо „дами и господа“ ќе бидат користени родово неутрални изрази како „внимание до сите патници“, или „до сите“. Сепак, ова ќе се однесува само на соопштенијата и поздравите на англиски јазик, а тоа е поради фактот дека изразот генерално користен за вакви најави на јапонски е веќе родово неутрален (во јапонскиот именките генерално немаат род).
И покрај тоа што локалните корисници веројатно нема ни да ја забележат промената, компанијата ја воведува бидејќи се декларира како една од водечките јапонски фирми кои се „пријателски настроени кон ЛГБТ“. ЈAL го следи примерот на Air Canada и EasyJet кои прифатија родово неутрални поздрави минатата година.
Ова е втора родово базирана одлука на авио-компанијата која во март 2020 соопшти дека ќе им дозволи на стујардесите да носат пантолани наместо здолништа, за да им биде покомотно на летот. Истовремено, за сестра-компанија на JAL работи и првата жена-пилот на комерцијални летови. Својата пилотска дозвола таа не можела да ја добие во Јапонија, бидејќи во школите за летање не примале женски кандидати, плус била прениска според стандардите. Тоа го сторила во САД, но потоа се вратила во Јапонија каде станала првата (и засега единствена) жена-капетан на комерцијален лет.