Виола Смит - царица

Најстарата тапанарка на светот

Ракувала со палки подобро од кој и да е маж, а нејзината вештина и денес може да засени голем број модерни тапанари. Смит е само една од голем број легендарни музичарки, кои го отвориле патот за некогаш дискриминираните перкусионистки. Денес има 102 години и сè уште не се откажува.

Виола е една од првите професионални жени-тапанарки, кои работеле со оркестри и свинг-бендови во 1930-тите и 1940-тите. Родена е 1912 во Висконсин, во семејство со уште седум сестри. Нејзините родители држеле концертна сала, а сите свиреле на некој инструмент. Првите настапи ги имала со семејниот оркестар, но наскоро почнала да соработува со други женски бендови, кои редовно свиреле по салите за танцување во текот на Втората светска војна, додека мажите војувале. Виола ја викале и „женски Џин Крупа", според истоимениот џез тапанар познат по неговиот откачен стил - и таа знаела да фрли палка на тапанот, па да стане од столчето и да ја фати додека таа отскокнува. Во 1939 била прогласена за најбрза американска тапанарка.

Погледнете:

Смит е една од голем број легендарни жени-тапанари интервјуирани од авторката Ангела Смит за нејзината книга издадена во април 2014, „Жени тапанарки: историја од рок и џез до блуз и кантри". Во неа таа ја истражува  историјата на учеството на жените во создавањето музика, и начинот на кој тие биле ориентирани кон одредени инструменти (на пример пијаното или харфата во модерна Европа).

Жените кои свиреле перкусии, особено тапани, биле дискриминирани заради сфаќањето дека „чукањето" бара голема физичка сила и механичка вештина, карактеристики кои не „ѝ личеле" на ниту една вистина дама. Една од анегдотите во книгата вели дека блуз легендата Вили Ме „Биг Мама" Тортон влегла во музичкиот бизнис кога му помогнала на некој продуцент да качи пијано на трет спрат - тоа било условот тој да ѝ даде шанса да се покаже како тапанарка.

Willie Mae "Big Mama" Thornton: "Hound dog", 1952

Виола Смит на некој начин имала среќа, бидејќи во нејзино време женските оркестри биле нешто сосема нормално, но само заради фактот што мажите биле во војна. Кога Втората светска завршила и мажите повторно се фатиле за инструментите, женските оркестри паднале во заборав, а голем број жени, кои до тогаш настапувале секоја вечер, се прибрале дома.

24 декември 2014 - 08:05