За наградата Bad Sex Award сме известувале и претходно, восхитувајќи се на тоа како вербално може да се уништи благородниот чин на телесно општење помеѓу два и повеќе ентитета. Истиот тој восхит го дели и Literary Review, британско книжевно списание, кое меѓу другото стана познато по наградата која ја воспостави во 1993. Генерално целта е да се привлече внимание кон грубите, невкусни и често површни употреби на сосема непотребни пасуси со сексуални описи во модерните романи, и истите да се обесхрабрат.
Оваа година наградата ја доби Бен Окри, автор кој е веќе наградуван, но со многу попрестижни признанија, меѓу кои и Букер во 1991. „Време на магија" е негов 10-ти роман, во кој се раскажува за тим филмаџии, кои снимаат документарец некаде покрај езеро. Главни ликови се Лао, филмски презентер и Мислтоу, неговата девојка. Еве како изгледаат тие нивни интимни мигови:
„Кога тој почна да ја допира таа почна да станува свесна за места во неа кои можеле да бидат скриени таму само од Бог со смисла за хумор".
„Универзумот беше во неа, и со секое негово движење се распостилаше уште повеќе. Некаде во ноќта една заталкана ракета детонираше".
Изјавата на авторот прочитана на свеченоста по повод доделувањето во негово отсуство, самата заслужува награда: „Писателите го пишуваат она што го пишуваат, и тоа е тоа".
Образот на Окри му го обели неговата уредничка, со ставот: „Да се добие оваа награда е забавно, иако и по малку недостоинствено. Како и сексот, ако се прави како што треба".
Можеби таа, е не тој, треба да ги пишуваат сцените со секс?
Извадоци од книгите кои влегоа во финалето тука