Literary Review е британско книжевно списание формирано во 1979 од Ан Смит, тогашен раководител на одделението за англиски јазик на универзитетот во Единбург. Меѓу другото стана познато по наградата која ја воспостави во 1993 која му се доделува на автор(ка) која ќе направи најнеподнослив опис на секс сцена во роман. Генерално целта е да се привлече внимание кон грубите, невкусни и често површни употреби на сосема непотребни пасуси со сексуални описи во модерните романи, и истите да се обесхрабрат.
Оваа година според жирито конкуренцијата била остра, но тоа било заведено од кулминација на секс сцена од книгата на Манил Сури (индијско-американски математичар и писател) „Градот Деви“, сместена во Мумбаи, под закана од нуклеарна бомба. Во неа учествуваат следниве ликови (по случаен редослед): извесна Сарита, нејзиниот сопруг-физичар и Карун, младо геј момче.
Еве го пасусот oд романот за кој Сури ја добива „престижната" награда, кој и покрај добрата намера, не успева да воспостави врска со физиката на тврдите тела:
„Во тој момент сигурно некаде, во некоја галаксија, експлодираа супернови. Болката исчезнува и со неа морето и песоците - само телото на Карун останува, закатанчено со моето. Се судираме како минати сонца и соларни системи, нуркаме низ купиштата кваркови и атомски јадра. Во прослава на нашата револуционерна четврта ѕвезда, статистичарите од светот се радуваат со нас."
На доделувањето во Морнаричкиот и воен клуб во Лондон наградата наградата во име на авторот ја примиле неговите издавачи, кои на публиката и порачале книгата да си ја читаат - во кревет.
И финалистите за наградата се навистина супер. Така, Џонатан Гримуд во „Последниот банкет" вели: „Најдов парче брие (сирење, од тоа смрдливото - заб.прев.), искршив парче и ѝ ја цицав брадавицата преку него". На наше изненадување речиси подеднакво добар е и описот на човечката анатомија во романот од 1947 на Вуди Гатри кој неодамна беше пронајден и објавен со предговор на Џони Деп, „Куќа од земја". Описот на сцената е на 30 страници, но еве само еден дел: „Внатре портата на нејзината матка таа ги чувствуваше внатрешните органи и ткива, сите нејзини мускули и жлезди, им дозволи да се тркалаат, да се стискаат, да се грчат и да се превртуваат, и чувствуваше како секоја педа од нејзиното битие се протега, се обидува да дофати, ја чувствуваше формата на неговиот пенис".
Иако на многумина се уште не им е јасно за што точно се доделува оваа награда (За лош стил кога се пишува за секс? За добар опис на лош секс? За тоа што луѓето после читањето се чувствуваат лошо во врска со сексот?), од минатата година веќе има предлог награда да се доделува за - најдобриот секс во годишната прозна продукција. Сè додека е за секс, ги поддржуваме сите ваквите иницијативи, со секој кварк од нашето тело. Сирењето може да биде и ко за шопска.