На Валентајн: учиме за љубовта од моногамните прериски глодари

Едно глувче повеќе знае за верност и посветеност отколку повеќето останати цицачи. Паровите прериски глодари формираат нешто што може да се нарече „брачна заедница“, делат живеалиште и заеднички ги растат малите. Колку што знаеме, нема разводи.

Да напишал Шекспир животинска верзија на „Ромео и Јулија“, таа ќе требало да биде со прериски глодари (Microtus ochrogaster). Тие формираат парови, живеат заедно, доколку бидат разделени во лабораторија се борат за да стигнат до партнерот, развиваат емпатија за него и се под стрес ако таа/тој е во иста ситуација.

И тоа не е сè: ако едниот е нерасположен, другиот го теши со нежни допири. Не е ни чудо што истражувачите се фокусираат на овие необични суштества, за да разберат како длабоките емоционални врски влијаат врз здравјето.

Од претходни истражувања е познато дека невротрансмитерите окситоцин и вазопресин играат главна улога во поттикнувањето и регулирањето на врска. Моногамните прериски глодари се познати по тоа што имаат посензитивни рецептори за овие невротрансмитери, но и кога инаку промискуитетните планински глодари (M. montanus) добиваат дози окситоцин и вазопресин, тие го прифаќаат моногамното однесување на нивните прериски роднини. 

Овие животни прв пат го привлекле вниманието на науката во 1970-тите, кога истражувач од Универзитетот во Илиноис поставил шатор во полињата близу зградата на факултетот, во кој престојувал дури и ноќе, на минусни температури. Она што го забележал е дека кога биле поставени купчиња пченка како мамка за глодарите, тие често доаѓале по двајца, машко и женско. Научниците ги забележувале овие исти парови и во период од по неколку месеци. За да бидат сигурни што се случува, тие на десетици oд нив им ставиле минијатурни алки околу вратот кои содржеле батерии и емитувале радио сигнал. Трасирајќи го нивното движење низ густата трева, откриле дека 11 од 12-те следени парови живеат заедно во подземни живеалишта, однесување кое е крајно необично помеѓу глодарите, помеѓу кои има и видови во кои женките рутински ги убиваат и јадат своите сексуални партнери. За разлика од нив, прерискиве љубовници имале долги и „нежни“ сексуални сесии - видеата морале да бидат ставени на убрзано, затоа што траеле до 40 часа!

Сепак, пред да ги прогласиме за пример кон кој треба да се стремиме, една фуснота. Прериските глодари се социјално, но не и сексуално моногамни. Како и со човечките врски, и тука има нешто што се нарекува „опортунистичка неверност“ - мажите произведуваат потомство и надвор од оригиналното живеалиште, но исто така можат да одгледуваат нечии туѓи бебиња. И исто како и во човечките заедници, некои машки претставници воопшто не се спаруваат. Овие поединци се исклучок, нешто како „кариерни ергени“. 

14 февруари 2023 - 08:29