Ферментирано коњско млеко, смрдливо тофу, нешто како пача и корен ликорис се дел од поставката „Музеј на грозната храна“. Според основачот Семјуел Вест, целта е да се поттикне дискусија за тоа зошто јадеме одредена храна а друга ја сметаме за одвратна, и колку основата за ова е биолошка, а колку културна.
„Иако одвратноста е универзална емоција сепак ова е нешто што се учи. Од луѓето со кои растеме, кои ни ги формираат вкусовите и нè учат од што треба да бидеме згрозени“, вели тој.
Вест е експерт за откачени музеи кои ги превртуваат на глава очекувањата од ваквите институции, а пример за тоа е неговиот Музеј на утките, отворен 2017, за кој пишувавме тука.
Секако, „релативизаторите“ побрзаа да го искритикуваат концептот, велејќи дека одредена храна во одредени култури може да се смета за вкусна и нормална, а во друга е во најмала рака за необична или одвратна. Но токму ваквата дискусија е и поентата на музејот во кој храната е поделена на: необични суштества (лилјаци, кучиња, инсекти), делови од тела (пенис - да, од бикови и други животни, глави), многу силни вкусови, текстури и ароми (oвошјето дуријан, пиво од коренот сасафрас или рут бир итн.) и храна која нарушува религиски или морални верувања (свинско, месо, пача).
Eден од изложените артефакти е Су Калу Сарду, младо козјо сирење кое се нарекува сардиниска Вијагра, а чиј вкус е опишан како мешавина на бензин, амонијак и восок. Добрата вест е што музејот не игра на картата на интерактивност, па никој не ве тера да ја јадете храната за да се соживеете со темата.