„Но, има и поголема поента на целата идеја“, вели основачот на музејот, психологот Семјуел Вест. На човекот преку глава му дошло како денес сите го обожуваат успехот. А тој е досадно репетитивен наспроти уникатната спектакуларност на утката. По него, намера на музејот е да се де-стигматизира професионалниот и личниот неуспех.
Добар дел од експонатите жанровски се групираат во погрешен правец кој компанијата го одбрала. Таква е телешката казања која своевремено ја извади Колгејт за брзо да сфати дека луѓето баш и не се тепаат да купуваат лазањи од фирма која прави пасти за заби.
Слична е и црната Кока Кола со кафе која на пазарот опстои само две години. Или пак мирисот на Харли Девидсон кои процениле дека постојат многу мажишта кои сакаат да мирисаат на кожна јакна.
Дел од музејската постановка се дизајнерски промашувања. Таков е N-Gage на Нокиа, комбинирано гаџетче за играње (со премалку игри за него) и телефон (треба да го отвориш како тост за да дојдеш до телефонот).
Или пак уредот специјализиран за Твитање, со преситни букви и генерално глуп.
Најтажни се утките кои начисто ги упропастиле фирмите. Едно време доминантниот сервис за рентање филмови на ДВД-а, Блокбастер ДВД, го отпушти својот прв човек кога овој посака да оди на стриминг. Во 2013-та година банкротираа отворајќи го патот за глобалниот успех на Нетфликс.
Слично на тоа, дигиталната камера на Кодак можеше на компанијата да ѝ обезбеди сигурна позиција доколку сфатеа дека иднината е во споделувањето онлајн фотографии. Наместо тоа, упорно се држеа до печатење фотографии на хартија за да рикнат во 2012, само неколку месеци пред Фејсбук да го купи Инстаграм за една милијарда долари.
И едно од најспектакуларните парчиња е маската за лице со електро-стимулација која ја рекламираше актерката Линда Еванс (од Династија).
„Учењето е единствениот процес кој може неуспехот да го претвори во успех. Ако не учиш од обидите кога нешто си заебал, тогаш дефинитивно си заебан“, вели Вест.
Со други зборови, човек има право да биде глуп. За што не треба посебно објаснување бидејќи на овие простори тоа е едно од ретките права за кои одамна се имаме изборено.