Во просек, за мигрантите во која и да е земја постои повисок ризик од заболувања, поради често напорните работни часови, стресот од тоа да се живее (барем во прво време) во непозната земја и прилагодувањето на туѓиот начин на живот, како и неинформираноста за превентивните здравствени мерки кои стојат на располагање.
Според податоци за Германија секој петти човек има мигрантска историја, а во 2050 ова ќе важи за секој втор. Поради комуникациски проблеми, овие пациенти поминуваат низ поголем број дијагностички тестови и добиваат повеќе рецепти за лекови од оние кои не се мигранти. На докторите им е потребно повеќе време и трпение за да разберат на што всушност се жали пациентот.
Но за нивните маки постои и навредлив термин - Морбус балканус (често пати и медитеранеус, босфорус, или „Мама миа синдром“). Тој се должи на претпоставката дека самиот факт што пациентите се од поинакво етничко и културно потекло претеруваат или измислуваат кога зборуваат за своето здравје, односно се однесуваат мелодраматично дури и кога проблемот е банален. Историски, терминот се лоцира во 1980-тите, кога зголемениот број турски гастарбајтери почнал да претставува предизвик за докторите и болниците, особено во отсуство на преведувачи. Перцепцијата на болката тогаш почнала да се толкува како зависна од расата или етничката припадност, а се игнорирала клиничката слика и нејзините манифестации.
Решението кое се сугерира е јавната критика на ваквиот став на дел од медицинскиот персонал, и обезбедување нивна мултикултурна обука, што би им овозможило подобро разбирање на ситуацијата во која се наоѓаат нивните пациенти.