Турата ја нарековме „фројдовска", заради живописните имиња на посетените села - Долно Дупени, Подмочани, Наколец. Но требаше да дојдеме во Курбиново (nomen est omen?) за да го доживееме зен моментот, кој од тогаш влезе во аналите на македонската етнологија.
На дрвена клупа пред нејзината куќа седеше баба во црнина, замислена, со прекрстени раце и без ниту еден заб. Не изгледаше посебно заинтересирана за разговор, но не се ни противеше. Една од студентките, интересирајќи се за селскиот морал, ја праша: „Бабо, а во твое време важно ли беше невестата да биде невина?" „Абе деца..", почна старата, драматично издишувајќи, „ороспии имало и ќе има. Куро крај нема!".
Додека таа си се смееше како палаво девојче, нам ни требаше некое време да се прибереме. „Вистината" за смерната македонска жена, Трајаница или Трпеица, која не знае за предбрачен сексуален живот, не смее да зуцне пред свекорот, и треба цел живот само да раѓа, да работи и да ќути, ни пукна како стар кондом. Женава делуваше поеманципирана од Роза Луксембург, поголема феминистка од Џудит Батлер. Куро крај нема е тврда онтолошка позиција, универзална дијагноза, која го опишува, но и го оправдува поведението на „ороспиите". Ако е вистина дека човек не може да се бори против нешто што е бескрајно и оттаму омнипотентно, што може друго да стори освен религиозно да му се предаде?
Новиот филм на Манчевски на моменти сурово, на моменти со хумор, го истражува концептот на „вистина". Постои ли вистина со големо В, или таа се пишува така само на почеток на реченица? Лагата е често намерно, целисходно извитоперување на фактите, но вистината страда дури и кога кон неа се обидуваме да се однесуваме со должна почит. „Вистината е една, но мудрите ја нарекуваат со повеќе имиња", се вели во индијските Веди, дозволувајќи мноштво на толкувања на таа, единствена вистина, кои сепак не влијаат врз нејзината неприкосновеност и важност. Спротивставувањето на двата играни дела во филмот со третиот, документарен, нема намера ниту да изедначи, ниту да девалвира некој од жанровите. Се работи за нарации чија вистинитост не можеме да ја проценуваме внатре нив самите - тоа можеме да го сториме само ако успееме, рационално и емотивно, да ги 'надлетаме', и да ги набљудуваме неинволвирано, од птичја перспектива. Па дури и тогаш, иако теориски безбедни, животно мораме нешто да жртвуваме. Take sides - завземи страна - беше мотото на Пред дождот, но слободно може да биде мото и на овој негов филм. Нашата одлука што е вистина нè определува како луѓе. Да, тоа е наша вистина, но таа сепак може да биде со големо В.
Многумина поигрувањето на Манчевски со вистината во овој филм ќе го толкуваат како знак за нејзино релативизирање. Она што мудриот режисер сака да ни го каже, според мене, е токму спротивното - дека со вистината треба да бидеме не крајно лежерни, туку крајно внимателни. Бидејќи исто како и самоизмамата или лагата таа драматично влијае врз човечките животи. „Повеќе од љубов, пари и слава - дајте ми вистина!", извикуваше Хенри Дејвид Торо, среде шумите на Валден. Кога ќе излезете од кино салата можеби нема да бидете сигурни дали девојчињата од првиот дел навистина виделе манијак, дали етнолозите од вториот дел снимиле објективен филм, и дали новинарот Владо Таневски стварно се самоудавил во кофа. Но сигурно нема да ви биде сеедно што е „навистина", „објективно" и „стварно" - филмот е направен така за да не ви биде.
Назад во Курбиново, насмеаната баба повторно западна во меланхолија кога ја прашавме за нејзините деца. Долго не дошле од градот, ни на телефон не се јавувале. Целиот шегобиен муабет падна во сенка на маката на нејзиното мајчинство. Синовите кога доаѓале постојано гледале вести или зборувале на мобилните, снаите оделе на плажа, а внуците или играле на лап-топ, или трошеле пари на флипери во локалното гранапче. Нешто тргнало наопаку со светот кој таа го познаваше, но не можеше точно да каже ни кога, ни кого да обвини. Се разделивме со ветување дека ќе се вратиме. Со кутија свежи наполитанки, а сега и со копија од филмот во кој се цитираат нејзините зборови. Мајки на Милчо Манчевски, посветен на вистината, и на мајките, оние презафатените, напуштените, малтретираните, пожртвуваните, идните и сегашните.
Илина, Букбокс