Лутата пиперка и идеологијата

„Оној кој не може да поднесе лута пиперка, не е способен ниту да се бори“, изјавил Мао, со тоа воведувајќи ја симболичката врска помеѓу револуцијата и лутата храна.

Коронавирусот го поттикна интересот за тоа што се јаде низ светот, особено во Кина. Но покрај лилјаци и други необични гастрономски специјалитети, има и други елементи без кои не може да се замисли кинеската кујна, а кои имаат и симболичко, и практично значење, Така, лутите пиперчиња се подеднакво карактеристични за регионот на Сечуан, колку што е доматот за италијанската кујна. Обете состојки извршиле револуција во трансформацијата на кулинарските култури низ светот по ’откритието’ на Колумбо на Америките во 1492.

Чили пиперката прв пат се појавила во Кина некаде во доцниот 16 век. Во тек на следните 50 години веќе била широко распространета и карактеристична за повеќе региони низ големата земја. Во нова книга под наслов „Чили пиперката во Кина: културна биографија“, авторот Брајан Дот, користи кинески и други извори за да дознае како и зошто овој странски зачин навлегол во кинеските палати. Тој ја истражува темата од повеќе перспективи: кулинарски, медицински, книжевни, естетски, економски и културолошки.

Неговото истражување вели дека никој намерно не направил увоз на лути пиперчиња во Кина, туку дека тие најверојатно биле донесени од мулти-етничките посади на бродовите од југо-источна Азија кон источните брегови на Кина, кои ги користеле како зачин на јадењата на бродот. Откако еднаш пристигнале, чили пиперките се рашириле низ Кина преку неофицијални мрежи, од селанец на селанец, како посакуван придружник на нивните вообичаено невкусни и скробести јадења.

Дека овие пиперки се всушност увозни кажуваат и голем број различни локални имиња, како fanjiao (странска пиперка) на источниот брег или fanjiang, (странски ѓумбир, во смисла на нешто луто), во Тајван. Но освен за јадење чили-то било интегрирано во традиционалната култура преку народната медицина - во крајбрежните региони пиперчињата биле советувани како третман за труење со храна заради антибактериските својства на капсацинот.

Чили-то било особено популарно во Хунан, регионот од кадешто потекнува претседателот Мао, каде пиперчето станало дел од локалниот идентитет, но и симбол на машка издржливост. И денес тука се одржува годишен натпревар во јадење чили пиперки „на суво“ - минатата година на почетокот на јули победникот добил 24-каратна монета тешка 3 грама за голтање 50 пиперчиња за само 68 секунди. „Оној кој не може да издржи лута пиперка, не е револуционер“, наводно изјавил Мао во некоја прилика. Истовремено, поради црвената боја и „жештината“ која ја предизвикува, тоа е поврзувано со женска сексуалност и со секаков вид на откачени прослави. Kaко во оваа песна под наслов „Спајси грл“, која е преработка на традиционална кинеска песна, ама со девојки облечени во црвено и мнооогу пиперчиња.

извор

24 јуни 2020 - 11:20