Хрисип, грчки филозоф од стоичката школа, бил детерминист - сметал дека сè во животот е предодредено, иако оставил место и за лична волја и слобода на избор. Починал на 73 години, длабока старост за тоа време, а негов ученик запишал дека умрел од - неконтролирана смеа. Некое магаре му пришло и почнало да му ги јаде смоквите, па тој му наредил на неговиот роб да му даде на магарето и вино, за да не му биде суво јадењето. Кога магарето почнало да го пие виното, Хрисип толку силно се засмеал, што од тоа и починал. Современата медицина ова го објаснува со инфаркт или недостаток на кислород во мозкот, но потврдува дека до нив може да дојде и заради смеа.
Втор ваков случај од древниот свет е оној на Зуксис, сликар од петиот век пред нашата ера. Неговите слики не се сочувани, но историските податоци велат дека тие биле реалистични и во мал формат, за разлика од оние на неговите современици, кои обично биле големи панели или мурали. Една од теми било голото женско тело, а приказната вели дека не можејќи да најде соодветен модел за Елена, најубавата жена на светот, тој ги одбрал најубавите црти од пет различни жени кои му позирале. Но приказната исто така вели дека тој умрел откако го видел резултатот од сопствена слика, која му била нарачка - го изнасмеал начинот на кој претставил некоја постара, богата муштерика, која барала нејзиниот портрет да биде направен според оној на божицата Афродита.
Томас Уркерт, шкотски аристократ, научник, прв преведувач на Рабле на англиски, кој имал планови да создаде универзален јазик, умрел од напад на смеа откако до него стигнала веста дека Чарлс Втори е повторно крал на Англија, откако претходно не му бил дозволено да стапи на престолот од страна на Оливер Кромвел, по што морал да мине 9 години во егзил. На 29 мај 1660, неговиот 30-ти роденден, Чарлс бил дочекан во Лондон со сите почести. Уркерт всушност починал од среќа, затоа што претходно се борел на страната на ројалистите, заради што некое време поминал и во затвор.
Умирачка од смеење е чест мотив и во популарната култура и во книжевноста. Така, во скеч на Монти Пајтон, „Најсмешниот виц на светот“, Британците победуваат во Втората светска војна кога (демек) преведуваат смртоносно смешен виц на германски и им го пренесуваат на непријателските трупи и на двајца офицери на Гестапо. Ако вицот го пуштите во Гугл транслејт, се добива порака „Фатал ерор“.
Од смеа се умира и во „Игри на гладните“, во „Бетмен“ и во епизода од Саут парк. Но од смеа, како вид катарза, се умира и во поезијата. Во една од персискиот поет Руми, еден љубовник ја убедува својата љубена колку ја сака и колку ѝ е пожртвуван.
„Сето тоа е само украс на љубовта, гранки, лисја и цвеќе. Мораш да живееш во коренот за да бидеш вистински љубовник“, му одговара таа. „Сето тоа е како гребење на површината, но се уште не си умрел. Мора да умреш“.
Кога го слушнал тоа, тој легнал на земјата смеејќи се. Се отворил како ружа која паѓа на земјата, и умрел со насмевка.