Во раната холивудска ера лажниот снег бил често користен наместо вистинскиот, а не постоеле компјутеризирани ефекти за да го заменат. Една од супстанците била памукот, но само до моментот кога некому (на некој пожарникар) не му текнало дека да се посипе филмски сет со толку запалив материјал можеби и не е добра идеја.
Но и некои други материјали биле во најмала рака необични. Антологискиот „Прекрасен живот“, кој често е на првото место на листите на омилени божикни филмови, бил сниман во текот на јуни и јули 1946. Во него фиктивниот град Бедфорд Фолс бил посипан со лажен снег направен од пена од апарати за гаснење пожар помешана со шеќер, вода и ронки сапун. На сетот биле искористени над 20 илјади литри од оваа супстанца, а компанијата која ја произвела дури и добила награда за неа - таа убедливо се лепела на облеката и создавала совршени траги.
И не е ни чудно што овој изум бил награден, бидејќи претходно снегот во филмовите главно се правел од корнфлејкс обоени во бело, понекогаш помешани со гипс. Но паѓањето на овие „снегулки“ било толку бучно што снежните сцени со дијалог морале накнадно да бидат синхронизирани.
Најнеобично средство од денешен аспект сепак било азбестот, канцерогена супстанца која била користена дури и во познатата сцена од „Волшебникот од Оз“, каде Дороти заспива во поле со булки а се буди среде снежна бура. И ова не е единствениот пример на ваквата употреба на азбестот за снежен ефект.
Филмаџиите користеле и куп други супстанци за создавање илузија на снег: прашина од мермер во „Доктор Живаго“ (1965), сол и брашно во „Златната треска“ на Чаплин (1925) и само сол во „Супермен“ од 1978. Денес снегот се вметнува или со компјутерски генерирани ефекти, или со еколошки посоодветни продукти, како Сноусел.