Какви и форми и бои да имаат колачите во некоја слаткарница, ако уште на око е очигледно дека се со маргарин, тогаш ризикот да се погази диетата е скоро никаков. Што како принцип - за наша среќа - исклучува голем број слаткарници во градов. Ама путерот е и многу повеќе отколку критериум за квалитетна храна. Оваа книга ја истражува неговата улога во историјата, политиката, па дури и во духовноста.
Поранешната слаткарка Елејн Косрова (Elaine Khosrova) кога почнала да ја пишува „Путер: богата историја“ (објавена ноември, 2016) не можела да поверува дека некој пред неа не се сетил на истата тема. Од древниот начин на производство во бутин до негова молекуларна верзија, од „светоста“ на путерот во Франција до вистински светите скулптури од путер во Тибет (слика долу), од улогата на жените во развојот на трговијата со путер до маргаринските (машки) војни во 20-вековна Америка, таа според критичарите, иако не е историчарка по професија, прави добар преглед на овој гастрономски и социјален феномен.
Дополнително, со оглед на тоа што нуди и куп рецепти за основните сосови и теста кои содржат путер, како и совети за негово правење дома, целата книга како да мириса онака слатко и неодоливо, како што може да мириса само растопен путер.
Долго време демонизирајќи го затоа што бил „заситена маст“, нутриционистите сега му се враќаат, бидејќи врската помеѓу неговото консумирање и срцевите и слични болести сепак не е докажана (како што пишувавме тука). Денес путерот доживува ренесанса слично на чоколадото или кафето.
Подолу, 39-минутна емисија на Гастроподкаст, во која се одговараат следниве прашања - зошто путерот е жолт кога млекото е бело, зошто маргаринот порано согласно закон морал да се бои розово, и зошто не јадеме путер направен од млеко од бизон.