Различни епохи-ист дискурс

Лингвистичката врска помеѓу Сталин и Путин

Начинот на изразување во политиката е значајна вештина, а јазикот со којшто се служат политичарите е многу повеќе од комуникациска алатка. Еден од примерите за тоа е рускиот - според најново истражување современите руски политичари не зборуваат многу поразлично од оние од времето на Сталин.

Мајчин јазик на Сталин бил грузијскиот, но тоа не било пречка тој да го редефинира начинот на којшто зборувале, пишувале и мислеле руските политичари и државни службеници од негово време. Неговиот стил според лингвистите се состоел од четири главни елементи:

Самопрашување

Сталиновиот есеј „Марксизмот и прашањето на проучувањето на јазикот" нуди совршен пример за овој стилски елемент: „Се поставува прашањето, што се има променето во рускиот јазик по Октомвриската револуција? Речникот значајно се смени, во смисла на тоа дека се збогати со голем број зборови и изрази"

Прашањето тука „се поставило" само затоа што тоа го сторил самиот Сталин.

Метонимија

Се работи за замена на зборови, односно нивна преносна употреба, при што еден поширок термин стои на местото на друг, многу поконкретен. Иако има повеќе вакви примери Њусвик издвојува изјава на руски функционер од 1976, која се толкува во „сталинистички стил“: „Силите на Западот се способни за каков и да е метод на измама, за да го комплицираат прашањето за крајот на трката со вооружувањето". Тука „силите на Западот" се однесува на американскиот воено-индустриски комплекс, но изразот е намерно двосмилен и кажан со некаков злокобен тон.

Проактивно коментирање

Кога говорителот кажува што мисли дури и кога никој не го бара тоа од него, а кажаното има свесна намера за емотивна злоупотреба. Еден од класичните коментари на Сталин од ваков тип бил „тоа и тоа е реакција на анти-советската хистерија во земјата Х".

Мафијашки речник

Во времето на Сталин е создаден нов речник за секојдневна употреба, главно корисен за оцрнување на реалните и замислените опоненти на советскиот поредок. Ваквото изразување е тема на познатата сатира, „Златното теле" од 1931 од Илф и Петров. Главниот лик во една епизода патува со воз со група советски новинари чии вербални ресурси се максимално ограничени од новите правила за револуционерно известување. Тој создава речник со над 100 клишеа кои совршено се вклопуваат во уредничките стандарди на Партијата, и успешно го продава на новинар, кој е пресреќен што нема да мора да се мачи да ја проверува нивната исправност.

А како стојат работите денес?

Според Њусвик денес Владимир Путин ги воскреснува сите овие стилски елементи, поттикнувајќи ги неговите дипломати и функционери да ги употребуваат со истата зачестеност и ентузијазам како и неговите советски претходници. Еве како стојат работите според анализа на целата официјална комуникација на руското Министерство за надворешни работи од септември 2011 до јуни 2015, која подразбирала индексирање на зборовите и нивно процесирање преку посебен лингвистички софтвер наречен Voyant Tools. Целата дата-база се состои од 2,5 милиони зборови и 21,765 документи.

Самопрашување

До есента 2012 овој елемент речиси го нема. Но во 2013, кога Путин почна поостро да се однесува кон Западот, тој почнува да зачестува. Во 2014 се забележани 188 вакви примени, од кои дури 66 му припаѓаат на министерот за надворешни, Лавров, кој ја употребил токму формата на „се поставува прашањето..". Портпаролот на министерството, Лукашевич, го има користено уште почесто, но сепак тој само ги повторувал изјавите на неговиот претпоставен.

Метонимија

И овој стилски елемент се враќа во реториката на руските политичари. „Западни партнери", „хегемониски сили", „една земја која се замислува дека е светски полицаец" - сето ова се однесува на САД, особено во врска со украинската криза.

Мафијашки речник

Во брифинг на Министерството од 2012 се употребува изразот „опустит" за она што Американците наводно им го прават на сојузниците. Притоа „опустит" во рускиот криминален сленг значи хомосексуално силување, главно во контекст на доминација на појак затвореник врз послабите.

Проактивен коментар

Според анализата, ваквиот начин на изразување почнува како зомби да се враќа во конзервативните, провладини медиуми. Како пример се наведува ова соопштение на Министерството за надворешни во врска со - Македонија од мај оваа година:

„Вестите објавени од српските медиуми во врска со апсењето во Македонија на некој Црногорец, кој им помагал на косовско-албанските екстремисти, е убедлив доказ за плановите раководени од надвор, чија цел е усложнување на политичката ситуација во земјата, и обид таа да се фрли во амбисот на една обоена револуција...Повеќе од очигледна опасност за Европа сега е провоцирање хаос на Балканот, поттикнување конфликт во регионот, кој сè уште се нема опоравено од крвопролевањето од 1990-тите".

Првата реченица на руски се состои од 32 зборови. А се реагира на шпекулации во српски медиуми, а не на реални настани кои се случиле во соседна земја на Србија, каде исто така има медиуми кои можат да се цитираат.

Од другата статистика, интересно е дека само 10 проценти од соопштенијата на Министерството за надворешни на Русија содржат директен повик за акција („направете нешто, сменете нешто"). 14% се сугестивни („време е да се мисли на.."). Дури 75% од материјалите се изјави и интервјуа кои се обидуваат да ја „објаснат" руската надворешна политика, и кои се наменети исклучиво за Русите, без да бидат преведени на кој и да е друг јазик.

Според статија на истражувач од Универзитетот Калифорнија Риверсајд, Хаифеи Хуанг, објавена минатата година, во модерниот свет информацијата е многу помалку цензурирана и ограничувана, но институциите кои се занимаваат со политичка комуникација испраќаат „сигнали" на нивните надредени и подредени. На тој начин тие демонстрираат дека се лојални спроведувачи на пропагандата, и тоа го направат јавно. Ова е токму она што се случувало под Сталин, а Путин сега повторно ја оживува оваа практика, заклучува Њусвик.

28 јули 2015 - 08:23