„Мастермајнд“ почнува со семејство на навидум обична посета на локалниот музеј. Таткото сепак не ги гледа само делата. Ги регистрира „дупките“ во системот, заспаниот чувар и стаклената витрина што не алармира кога тој успева да извади фигуричка од неа, лизгачката врата на излезот низ која се поминува ко гроф, без никакви проверки. И времето е такво - 1972, кога музеите не се опремени со камери и друга безбедносна опрема. Одлична можност за планирање кражба, особено ако станува збор за нешто што не е Лувр или МоМА.
Оваа можност ја користи главниот лик, Џ. Б. Муни (Џош О'Конор), моментално невработен, со татко судија и госпоѓа мајка која сака да му помогне потпишувајќи чекови и одложувајќи ги роковите за враќање на долгот. Нејзините пари тој ги користи да најми уште двајца соучесници кои би му обезбедиле возило со лажни таблички и со хулахопки на глава среде бел ден би ставиле конкретни дела во навлаки како за перници, специјално шиени за оваа прилика.
Грабежот поминува глатко, но дружината, на чело со „мастермајндот“ кој е сè освен господар на операцијата и нејзин мозок, како да нема план, до толку, што почнуваме да се прашуваме - зошто побогу воопшто посегнаа по сликите. Само за да видат дали можат?
Инспирацијата за филмот доаѓа од реален грабеж од 1972 година во Уметничкиот музеј во Ворчестер, Масачусетс, кога двајца маскирани разбојници украле додуша многу повредни слики меѓу кои на Рембрант и на Пикасо. Но ова е еден од ретките филмови за уметнички криминал кој е многу поневозбудлив од настанот што го инспирирал, и тоа не може да биде ненамерно. Режисерката Кели Рајхарт толку кроце ја води нарацијата, што чувството не е како да гледаш трилер-акција туку свежо нанесена темпера на платно која полека се суши.
Сепак, да се каже дека „Мастермајнд“ е здодевен, и не мора да биде навреда. Во него има супер (и прилично гласна) џез музика на Роб Мазурек, но и референци на многу поголемите проблеми на тоа време - протестите против Виетнамската војна, во однос на кои кражба на некакви-си-таму уметнички слики делува како навистина декадентен настан. А клуч за решавање на загатката за мотивите на Муни да ги има конкретните слики е можеби во една патемна забелешка на жена што му дава засолниште на еден ден, а која очигледно го знае од младоста. По нејзино сеќавање една од нив висела во кабинет на познат професор на Универзитетот кој тој (мастермајндот) не го завршил. Дали грабежот е само обид да се присвои нешто елитно, кое е недостапно за „обичниот човек“? Дали грабежот е чин на отпор кон поставувањето сензори, камери и чувари до дела кои би требало да им припаѓаат на сите, на човештвото?
И да постоел ваквиот мотив, тој на крај се покажува како залуден, а насловот на филмот ироничен. Како да сака да каже - нема таков мастер-ум кој може да се спротивстави на нештата онакви какви што се, затоа што него го раководат други, многу поголеми мастер-умови.
Илина, Букбокс