Сте слушнале за експерименталниот град Зузалу во Црна Гора?

Во последните децении сè почесто се појавува идејата дека наместо да живееме во мал број држави, градови и култури што бавно се менуваат, треба да создадеме мноштво нови заедници – од дигитални „држави“, преку експериментални градови, до вистински автономни зони. Така, луѓето не би биле врзани за местото на раѓање, туку би можеле свесно да изберат заедница што одговара на нивните вредности, велат поддржувачите на оваа идеја.

Идејата за менување на концептот на припадност (на држава, територија, народ, нација) вклучува мрежни држави, дигитални нации, градови на вода, автономни зони, крипто-градови, како и проекти на постоечки држави кои се обидуваат да се „реновираат“, како естонското е-резидентство или градот Гелефу во Бутан. Иако овие иницијативи се многу различни, сите експериментираат со нови начини на живеење, управување и организирање на општеството.

Во 2023 година, авторот на текст на оваа тема, Виталик Бутерин, го организирал Зузалу – експериментален „поп-ап град“ во Црна Гора, каде околу 200 луѓе од различни заедници (поврзани со криптовалутата Етереум, истражувачи на долговечноста, рационалисти, ВИ експерти) живееле заедно два месеца. Проектот покажал дека:

Околу 200 луѓе е идеална бројка за ваква заедница – доволно мала за блискост, но доволно голема за разновидност;

Еден до два месеца се оптимално времетраење – тоа веќе не е одмор, туку „реален живот“;

Потребна е умерена количина активности – доволно за интелектуална стимулација, но не и за исцрпување;

Ваквите поп-ап заедници функционираат како преодна фаза кон подолготрајни заедници.

Но, се покажале и ограничувања: тие се скапи, тешко е во нив да се вклучат локалните жители, а со текот на времето постои ризик да се претворат во обични конференции или „ко-работни“ простори без вистинска културна длабочина. Затоа, тој смета дека следниот чекор мора да бидат постојани физички јадра – не само настани, туку места каде културата навистина се живее.

Зошто? Затоа што современото општество е истовремено индивидуалистичко и авторитарно: постојат поединци и моќни држави, но недостигаат „средни институции“ – заедници што даваат смисла, припадност и поддршка. Во минатото, таа улога ја имале цркви, клубови, локални здруженија. Денес, најважните заедници се глобални, но корпорациите и социјалните мрежи се безлични и водени од профит. Затоа поддржувачите на оваа идеја предлагаат нова форма: модерни племиња, чија главна задача е иновирање на културата.

Културата не е само храна, музика или архитектура, туку начинот на живот, вредностите, навиките, односите и начинот на решавање конфликти. Таа не може успешно да се наметне одозгора (преку правила и манифести), но ниту пак смее да се третира како музеј што не смее да се менува. Решението се гледа во експериментални заедници, каде културата се развива органски, преку заеднички живот, навики и цели.

„Племињата“, термин кој денес често има пежоративна конотација, можат да бидат простори за културни и управувачки иновации – од нови образовни модели, преку здравствени практики, до нови форми на демократија и одлучување, потпомогнати од технологии како блокчејн и вештачка интелигенција. Зузалу е пример за таква заедница: таму немало строга идеологија, туку заеднички вредности и идентитет, кои се живеат секојдневно.

За културата да биде длабока, таа мора да се вгради во просторот: во храната, архитектурата, енергијата, начинот на работа. Затоа дигиталните племиња имаат потреба од постојани физички места – хабови. Тие не мора да бидат големи мегаградови. Мали, специјализирани градови или населби (од неколку илјади до неколку десетици илјади жители) можат да бидат целосно функционални и културно живи. Покрај културата, постои и потреба од иновации во закони и управување. Наместо создавање нови држави, што е политички речиси невозможно, авторот предлага зони – делови од држави со поголема автономија.
За државите, зоните се начин: да привлечат глобални мрежи, не само туристи; да експериментираат без да го загрозат целото општество; да ја поврзат локалната економија со светските текови. Примери се Хонг Конг во минатото, Проспера во Хондурас или Гелефу во Бутан.

Авторот се залага за плуралистички свет, каде различни модели на живеење, култура и управување коегзистираат. Наместо идеологиите да освојуваат цели држави, подобро е да се тестираат во мали, доброволни заедници, со реална повратна информација. Таквиот свет според него би значел повеќе вистинска слобода за луѓето, повеќе иновации во културата, економијата и политиката, помалку концентрација на моќ и креативност во неколку глобални центри. Ова е визијата за свет во кој авторот би сакал да живее – архипелаг од различни, живи и експериментални општества, меѓусебно поврзани, но не унифицирани.

22 декември 2025 - 17:29