Во францускиот филм „Секирата“ (Le couperet, 2005), режисерот Гаврас нè запознава со Бруно Давал, хемиски инженер со 15-годишен работен стаж во компанија за производство на хартија, кој добива отказ заедно со уште 600 свои колеги. И две години подоцна тој не успева да најде друга работа и покрај постојаното аплицирање. Неговата „ниша“ е длабоко погодена од рецесијата во секторот - иако на прсти се бројат оние кои како Бруно кои имаат стручни познавања од хартијата, туку и се навистина соживеани со неа, речиси сите се невработени. Тој решава буквално да ја елиминира ваквата конкуренција. Филмот е црна сатира, но неговата суровост произлегува од нешто многу реално: логиката на пазарот што ги сведува луѓето на заменливи биографии.
Новиот корејски „Нема друг избор“ е заснован на истиот роман од 1997 на Доналд Е. Вестлејк, но оди чекор понатаму во мрачноста. Насловот самиот по себе е дијагноза. Во светот што го прикажува филмот, економскиот систем е така поставен, што насилството не се појавува како девијација, туку како структурна последица. Ако кај Гаврас убивањето е индивидуален чин на очај, во корејскиот филм тоа е симптом на систем што одамна престанал да нуди чаре.
Една од клучните разлики меѓу двата филма е во начинот на распределба на вината. „Секирата“ постојано нè тера да се чувствуваме непријатно затоа што, иако го разбираме притисокот врз главниот лик, не можеме целосно да го оправдаме неговиот избор. Филмот ја задржува моралната дилема во рамките на поединецот. „Нема друг избор“, пак, ја разлева таа вина. Ликовите не се претставени како морално „извалкани“, туку како заробени. Камерата, ритамот и наративната структура постојано сугерираат дека секоја одлука е донесена во услови каде што веќе нема алтернативи.
Гаврас користи иронија, па дури и црн хумор, како оружје. Апсурдноста на ситуацијата — убиство како „стратегија за вработување“ — ја разобличува нечовечноста на неолибералниот јазик на ефикасност и конкурентност. Корејскиот филм, напротив, е тивок и тежок. Наместо смеа, нуди долги паузи, празни простори и ликови што веќе не очекуваат ништо. Иако првата помисла е ваквата разлика да се толкува културолошки, помеѓу двата филма сепак има 20 години разлика, време во кое нештата во глобална економска смисла станаа понехумани и посурови. „Секирата“ доаѓа од период кога сè уште постоеше илузија дека системот може да се поправи, дека индивидуалната рационалност може да „победи“. „Нема друг избор“ е филм од свет во кој таа илузија е веќе згасната.
Заедно, тие функционираат како диптих за последиците од економската несигурност: тие не се само филмови за работа, откази или сиромаштија. Тие се истражување на границите на човечкото однесување под притисок, моментот кога општеството го турка поединецот до работ на моралот. Разликата е во тоа што кај Гаврас тој раб е аларм, а во корејскиот филм, тој е веќе новото нормално. Секирата тука не е онаа на Раскољников во „Злосторство и казна“ - тоа е секирчето на капитализмот кое постојано ги кастри оние гранки кои му се „вишок“.
Илина, Букбокс