Златните глобуси воведуваат категорија „Најдобар подкаст“

Подкастите стануваат дел од Златните глобуси, со воведување нова категорија „најдобар подкаст“, што ја одразува нивната сè поголема културна важност. Во САД денес повеќе млади луѓе слушаат подкасти отколку што гледаат класична телевизија, а многу миленијалци би сакале да се сретнат со омилениот подкаст-водител повеќе отколку со филмска или ТВ ѕвезда. 

Статистиката покажува дека околу 40% од Американците слушаат подкасти, а половина од нив сметаат дека подкастите се пообјективни и поискрени од традиционалните медиуми. Холивуд не може а да не го забележи овој тренд. Претседателката на Златните глобуси, Хелен Хене, истакнува дека подкастингот станал еден од најдинамичните и највлијателни медиуми на нашето време. Затоа, во 2026 година Златните глобуси ќе станат првата голема филмска и телевизиска манифестација што ќе додели признание за подкаст. Новата категорија ќе биде воведена на 83-тото издание на наградите, на 11 јануари, и ќе го награди најдобриот подкаст на годината.

Со повеќе од 4,5 милиони подкасти ширум светот, изборот на победник нема да биде лесен. Организаторите ангажирале аналитичка компанија за да го сведат изборот на 25 највлијателни подкасти, врз основа на публика и присуство на пазарот. Меѓу нив има информативни и криминалистички подкасти, како и емисии водени од контроверзни, но популарни личности. Меѓу фаворитите секако е Џо Роган како и подкастот „Call Her Daddy“.

Без оглед кој ќе победи, самото воведување на наградата сведочи за брзиот подем на овој медиум. Терминот „подкаст“ е создаден во 2004 година (ние го пишуваме без едначење по звучност, со Д, поради тоа што е странска кованица, чијшто еден дел е "iPod", производ на Епл). Според проценките, во 2026 година околу 600 милиони луѓе ќе слушаат подкасти.

Новата категорија ја истакнува и сè посилната врска меѓу подкастите и екранските формати. Популарни серии нудат придружни подкасти со интервјуа со актерите и екипата, а подкастите стануваат расадник за нови приказни што подоцна се адаптираат во успешни серии.

Во исто време, подкастите сè повеќе наликуваат на телевизија, со видео-снимки од емисиите за поголем досег. Гледаноста на видео-содржини на Спотифај значително порасна, иако дел од публиката стравува дека подкастите би можеле да се претворат во евтина форма на телевизија. Сепак, оваа промена е дел од пошироката трансформација на медиумите, каде што границата меѓу аудио и видео формати сè повеќе се брише. Во таков контекст, одлуката на Златните глобуси да го препознаат подкастингот има силна симболична тежина.

извор - Економист (со претплата)

24 декември 2025 - 10:38