На почетокот на 1960-тите, Битлманијата се ширела низ светот како пандемија. Откако слушнале за доаѓањето на бендот во Јужна Америка летото 1964, огромен број млади се собрале на аеродромот во Буенос Аирес, чекајќи да им се оствари тинејџерскиот сон.
Всушност Битлсите не биле ни блиску до Аргентина во тој период. Бендот, кој патем се распадна пред точно 50 години, бил во Лондон, на кратка пауза помеѓу концерти и снимање. Но четири момчиња од Флорида под име Том, Вик, Бил и Дејв, го зазеле нивното место.
Приказната е раскажана во документарецот „Денот кога Битлси дојдоа во Аргентина“ (целиот подолу) на режисерот Фернандо Перез од 2017. Станува збор за бенд под името The Ardells, кој по идеја на нивниот менаџер се прекрстил во „Американски Битлси“, само спелувано на поинаков начин - The American Beetles. Тој ги натерал да пуштат коса, да се облекуваат во иста облека и да се ребрендираат така за да личат на вистинските Битлси. Едно време ова личело на зафрканција, додека не станало сериозно.
Продуцент под име Руди Дуклос ги забележал во некој клуб во Мајами. Бил од Аргентина и одлучил да ги носи на турнеја во Јужна Америка. Прескокнал само еден детал - дома не спомнал дека станува збор за трибјут бенд. Договорите биле потпишани, медиумите известени и публиката на готовс. Бил снимен и спот за аргентинската телевизија, а различните канали почнале вистинска битка за обезбедување на ексклузивни права за настанот, плаќајќи мито на локалните власти за пристап до музичарите. Биле ангажирани и борачи од некакво шоу „Титани во рингот“ кои практично ги пренеле момците на рамења низ аеродромот кога тие пристигнале. Потоа биле сместени во хотел во предградието и ставени во изолација.
Денес, по повеќе од половина век, деталите од тука натаму стануваат матни. Она што се знае е моментот кога прв пат се открило дека станува збор за лажни Битлси - кога бендот пред концертот требало да се појави на некаква популарна ТВ емисија. Возбудениот водител ги најавил, момците излегле од зад камерата со подготвени инструменти, но одеднаш станало јасно дека тие не се Пол, Џон, Џорџ и Ринго. Некои од присутните во студиото почнале да се смеат, други биле шокирани. Но имало и такви кои или не забележале, или не сакале да забележат дека станува збор за измама. Закажаните концерти сепак биле оддржани, и сите се забавувале, освен пар момци кои фрлале парички и камења, „од љубомора“.
Оние кои не можеле да преминат преку случајот биле медиумите. „Фарса“, „завивање“, „антимелодиски настап“ биле описите во јужноамериканските весници. Но реагирала и официјалната политика. Аргентина и Бразил во тоа време биле раководени од десничарска хунта, која не била заинтересирана дали Битлсите се вистински или не, туку за тоа што нивната музика е „сексуално двосмислена“ и испраќа погрешни пораки до младината.
Ова имало обратен ефект - поттикнало формирање локални бендови на „долгокоси“, како Los Buhos (Бувовите), чии членови биле пародични верзии на Битлсите, под име Хуан, Јусти, Хорхе и Ранго. Истото се случувало и во другите земји во регионот, затоа што за многумина средбата со Американските Битлси била прва средба со рокенролот и неговата моќ.
Необично е што после овој настан вистинските Битлси не биле мотивирани навистина да настапат во Јужна Америка. Единствено издале соопштение во кое ја потврдиле лажноста на другиот бенд, но не тргнале на турнеја од една проста причина - јужноамериканскиот пазар бил сиромашен, а економијата била на ниво на Британија по Првата светска војна. Годишниот приход на просечниот Бразилец бил 13 пати помал од оној на просечниот Американец. Организаторите на концерти и агентите не можеле да ги платат вистинските Битлси, и оттаму играле на картата на „пополнување на празнината“ со трибјут бендови.
Подоцна Американските Битлси го промениле името во „Раб на жилетот“ и издале сингл. Успехот сепак изостанал и бендот се распаднал до крајот на 1960-тите. Но илјадници сега возрасни Битлманијакоси се уште ги памтат, како тинејџерска возбуда и мотивација.
Целиот документарец тука