На 20 март 1974, околу 8 навечер, принцезата Ана и нејзиниот сопруг, венчани пред само четири месеци, се враќале кон Бакингемската палата откако биле присутни на хуманитарна вечер. Нејзината помошничка седела спроти парот, во задниот дел на Ролс-ројсот обележан со кралскиот грб, а на совозачкото место седел нејзиниот телохранител, инспектор Џејмс Волас Битон, член на СО14, огранок на Скотланд Јард за специјални операции, задолжен за заштита на кралското семејство. Одеднаш бел форд ескорт им пресекол пат и ги натерал да сопрат на 200 метри од палатата. Човек со брада и со светло црвена коса излегол од автомобилот и, држејќи два пиштола, почнал да пука кон задниот дел на лимузината. Инспекторот Битон излегол од колата и бил застрелан во десното рамо.
Целта на Јан Бол, како што се викал брадестиот, била најславната личност од кралското семејство во тој момент. Претходниот ноември, 23-годишната принцеза се омажила за неаристократ, Марк Филипс, капетан во британската армија. Двајцата се запознале преку спортските, коњички кругови, бидејќи талентираниот капетан имал добиено златен медал на Олимпијадата во Минхен во 1972, а во 1971 Би-би-си ја именувал Ана, подоцна олимписки коњаник заедно со Филипс на игрите во 1976, за Спортско лице на годината. Нивната свадба привлекла 2000 гости, а Њујорк Тајмс изјавил дека телевизиската публика од 500 милиони била „најголема кога и да е“ при телевизиски пренос на свадба.
26-годишен ментално болен, Бол таа ноќ изнајмил кола под име Џон Вилијамс, во којашто полицијата подоцна ќе најде два пара лисици, апчиња валиум и писмо со кое се бара откуп адресирано до кралицата. Во белешката тој го критикува кралското семејство и бара 2 милиони фунти во банкноти од по 5 фунти, во 20 незаклучени куфери, со кои требало да отпатува за Швајцарија. Самата кралица требало да се појави на аеродромот и да ја потврди автентичноста на потписите на документацијата.
Дека планот не бил да се убие принцезата, туку да се киднапира, набргу станало јасно кога Бол почнал да ја тресе колата и да се обидува да ја отвори вратата. Капетанот Филипс се мушнал на задните седишта и се поставил помеѓу парот и напаѓачот кој продолжил да пука. Битон бил погоден уште два пати, а во градите бил застрелан и шоферот. Грабнувачот успеал да ја фати Ана, нејзиниот фустан се скинал, но наместо да паничи таа почнала, како што подоцна опишала, „многу нервозен разговор“ со својот киднапер.
Набргу се појавил друг полицаец кој патролирал во близина, и мислел дека конфликтот е за сообраќајка. Му пристапил на Бол и му го допрел рамото - вооружениот се свртел и го погодил во стомакот. Пред да колабира, Хилс сепак успеал да повика засилување преку радио врската.
Роналд Расел, директор на компанија за чистење, возел накај дома кога наишол на сцената на патот. Излегол од автомобилот и ја сведочел сцената кога Хил бил застрелан. Поранешен боксер, тој одлучил да се пресмета со напаѓачот.
Уште еден возач, шофер по име Гленмор Мартин, ја паркирал својата кола пред белиот форд, за Бол да не може да избега. Во меѓувреме, новинарот на Дејли Мејл, Џон Брајан Мекконел, пристигнал на сцената. Препознавајќи ги ознаките на лимузината, знаел дека некој од кралското семејство е во опасност. Бол го запукал и него, со што тој станал третиот ранет на местото на настанот.
Кога боксерот го удрил Бол, принцезата се вратила во автомобилот со Филипс, затворајќи ја вратата. Сфаќајќи дека кругот се затвора и дека пристигнуваат и нови полицајци, тој го послушал советот на принцезата која му довикала: „Сега ти е шансата, бегај!“. Се упатил кон паркот Сент Џејмс, каде бил фатен и уапсен. Подоцна се дознало дека тој месец Бол изнајмил куќа во Хемшир, само неколку киломтери од воената академија каде живееле Ана и капетанот Филипс.
Следниот ден медиумите вриеле со теории за тоа како еден ментално болен, невработен човек можел да го организирал ваквото (додуша неуспешно) киднапирање. Неколку денови во обидот, група која се нарекувала Марксистичко-ленинистичко револуционерно движење ја презела одговорноста, но Скотланд Јард ја отфрлил нивната вмешаност. Во писмото на Бол наводно пишувало дека ќе го донира откупот на британските здравствени работници. Ова се потврдило кога на 4 април Бол се појавил пред суд и откако неговиот адвокат зборувал за историјата на менталните болести на својот клиент Бол го открил и мотивот зад своето дело: „Би сакал да кажам дека го сторив ова затоа што сакав да привлечам внимание кон недостатокот на установи за третирање на ментално болни под закрила на националното здравство“.
Бакингемската палата по инцидентот издала соопштение во кое изјавила дека „немаат намера да живеат во кафези отпорни на куршуми“ и дека нема потреба од зголемување на безбедноста. Бол се изјаснил за виновен за убиство во обид и киднапирање. Осуден е на доживотна робија во психијатриска институција. Деталите околу случајот останале доверливи до 1 јануари 2005, кога биле објавени според законот за 30-годишниот рок на обелоденување на ваквите документи.
Тој септември, кралицата Елизабета Втора му го доделила Крстот на Џорџ, највисокото цивилно признание за храброст, на инспектор Битон. Орденот на Џорџ, второто по значење цивилно признание за храброст, му го доделила на полицаецот Хилс и на Роналд Расел. И останатите учесници во настанот добиле признанија за нивната храброст.
Во интервју од 2006, Роналд Расел си спомнал што му кажала кралицата Елизабета кога му го закачувала Крстот: „Признанието е од кралицата на Англија, а благодарноста е од мајката на Ана“.