Потрошувачите на „содржини“ на интернет главно не се заморуваат со валоризацијата на новинарскиот труд, или како и да се вика трудот на оние кои пишуваат за различни нарачатели. Освен ако не дојде ред да се плука по медиумот, па тој генерално се прогласува за (духовно и материјално) „платенички“, исто како и сите оние кои пишуваат за него.
Коментатор на Medium ја анализира позицијата на „фриленс“ колумнистите, коментаторите и авторите на текстови во американското новинарство. Тие, според него, предолго толерираат прерастеглив опсег на висина на надоместоци, што значи недостаток на стандард, и оттаму можност за манипулација од страна на медиумите. Пред речиси еден век автор по име Ринг Ларднер изјавил дека „повеќе би сакал да пишува за Њујоркер за пет центи по збор, отколку за Космополитан за еден долар по збор“. И ова не било само израз на неговата лојалност и амбиции кон првото, туку и реална илустрација на разликите во примањата на пишувачите во спомнатите медиуми.
Овие автори немаат колектив кој би ги застапувал нивните права, а законски нема минимум хонорар кој би им следел. На пазарот на трудот секој се продава за онолку колку што одреден медиум е подготвен да плати, а во отсуство на официјални податоци тешко е да се зборува за некој просек. Во 2001 Националниот синдикат на автори на САД објавил извештај за хонорарите за фриленс-ерите. Според него за да заработи просечна плата на факултетски образован, значи 50.000 долари годишно, секој од овие автори треба да напише, продаде и објави текст во кој секој збор би чинел 1 долар, а би се состоел од 3-5.000 такви зборови месечно (сосе инфлацијата, денес тоа би биле 1.40 долари).
Но според искуствата на авторот на текстот, ова е многу висока сума (иако повеќето не ни плаќаат по збор туку по текст). Моменталната просечна цена е 25-50 центи по збор, што е истата сума која важела како стандард во...1977. Со оглед на тоа што во изминатите 52 години доларот има загубено 87% од својата вредност, истото се има случено и со професионалните фриленс автори. Секако, ова влијае и врз крајниот резултат - самите текстови и медиумската средина која тие ја градат во смисла на содржина.
Во спомнатиот текст се трасира историјата на падот на цената на новинарскиот труд од почетокот на 20 век (кога имало публикации кои нуделе 1 долар по збор) до денес. Но тоа е американската ситуација. Во нашиот регион знаеме примери на „слободни стрелци“ кои за да преживеат (без луксузи) мораат СЕКОЈ ДЕН да произведуваат по еден долг, аналитички текст, и да го продаваат на различни медиуми низ цела (на пример) екс-Југославија. Па денес пишуваш за најновиот гаф на некој босански министер X, утре за Скопје 2014, задутре за изјава на српски политичар Y...Ова подразбира да бидеш постојано на штрек за она што се случува (а на Балканот, нели, се случува многу), да си подготвен тоа да го преточиш во разумен состав, и - можеби најважно - физички да си во состојба да седиш пред компјутер и да куцаш, куцаш, куцаш...
Кај нас „фриленс“ новинар може да значи куп работи - да не си врзан за редакција и да работиш за повеќе медиуми (потпишан со име и презиме или не), да пишуваш за еден медиум одреден период, додека трае некаков проект, да си вработен во сосема друга професија а од време на време да пишуваш за асли медиум (не свој блог). Можеби има и некоја построга дефиниција на оваа категорија која не ја знаеме. Но генерално хонорарите на овие пишувачи се работа на договор помеѓу нив и медиумите, и ретко кој ги обелоденува. Од време на време се слушаат гласини за превисоки суми кои се исплаќаат на некои пишувачи, и прениски на некои други. Дури и хонорарот формално да е ок, може да се исплаќа со големо задоцнување, или никогаш да не биде исплатен.
Но многу поважно од тоа колку се плаќа одредена пишувана содржина е - каква е таа? На која тема? Кој ја бира и по која „методологија“? Дали текстот се чита и уредува пред објавување? Пишувањето во кој и да е жанр може да биде безвредно, и во пазарни термини (никој да не сака да плати за одреден текст), може да биде безвредно во смисла на публика (никој да не го клика), а може да нема ни уметничко, политичко и историско значење. Во еден нормален систем сепак би требало да постои некаква колку-толку здраворазумска врска помеѓу ваквите вредности - текстовите кои се подобри и поважни долгорочно (не во 24 часа, па дури ни за една недела, туку повеќе), би требало да чинат повеќе. А такви, баш затоа што не можат да бидат платени онолку колку што е нивната вредност, главно нема.
Излегува дека за да издвои истражувачко време и енергија на фриленс новинар му се исплати само ако: а) е млад/а па тоа е начин за полнење на биографијата и стекнување искуство, б) за пари работи нешто сосема друго, а му/и останува време и мотивација за пишување (макар и неплатено), в) наиде на сопственик на медиум, кој макар и на сопствена штета сака да има квалитетна содржина. Останатите, толпа невработени, а писмени и образовани млади луѓе од Македонија, ќе продолжат да пишуваат текстови за позитивните ефекти на таблети за слабеење од ананас за сомнителни странски сајтови. За неколку центи по збор.