Минатиот месец германската министерка за семејство, Кристина Шредер, поттикна дискусија околу политички некоректната содржина во детската класична литература. Освен што сугерираше дека Бог во нив треба да биде родово неутрален, таа ги критикуваше сексистичките и расистички пораки во некои од добро познатите приказни за деца. Ако сакала да ѝ чита на ќерка си од „Пипи Долгиот Чорап" на глас, таа ќе морала да го прескокне зборот „црнец" кој се појавува во неа, „за да го заштити детето од прифаќање вакви изрази", изјавила Шредер за Ди Цајт.
Уплашени дека може некое издание да им биде забрането, една од најстарите издавачки куќи за детска литература во Германија, Тинеман Верлаг, ја „прилагоди" познатата „Малата вештерка" (Die kleine Hexe) од 1957 на Отфрид Пруслер, за да го отстрани контроверзниот јазик.
„Мојата работа како издавач е да ги прилагодувам класиците од една генерација на друга", изјавил Клаус Виленберг, директор на издавачката куќа. Тој вели дека сакал да го промени текстот со години, но дури неодамна добил согласност од ќерката на починатиот писател. Сега многумина го обвинуваат за цензура и прекумерна политичка коректност.
Станува збор особено за една сцена од книгата, во која децата се маскираат како за наша Прочка. „Но двете црнчиња не беа од циркусот, ниту пак Турците или Индијанците. Ни малите Кинескињи, човекојадецот, Ескимката, пустинскиот шеик и поглавицата Хотентот. Не, тоа беше ноќ на карневал во селото!" - пишува во оригиналниот текст. Сега, книгата која инаку е преведена на 55 јазици и продадена во 50 милиони копии низ целиот свет, веќе не ги содржи ниту етничките одредници, ниту пак некои зборови како "wichsen", кој некогаш значел „да полираш", а сега најчесто се поврзува со мастурбација.
И покрај образложението дека некои од термините или се неразбирливи за новите генерации, или може да создадат погрешни ставови, директорот Виленберг деновиве има добиено стотици бесни мејлови и критики, дури и во конзервативните германски весници како Ди Велт или Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, во кои се вели дека чепкањето во содржината на книжевни дела го нарушува нивниот уметнички интегритет, и дека заштитата на децата не е обврска на издавачот, туку на родителите или наставниците, кои треба да ги објаснат проблематичните термини на децата, во контекстот во кој настанале, со евентуални коментари под самиот текст.
„Зошто родителите да немаат избор што да им читаат на нивните деца?", праша Жак Шустер во уреднички текст во Ди Велт. „Секој кој верува дека уметноста треба да биде менувана во ретроспектива затоа што е во спротивност со доминантниот морал сигурно е задоволен што во 2001 Талибанците ги уништија Будите од Бамијан".
Овој случај покажува дека прашањето на расизмот, дури и во наводен обид, е предмет на тензични дискусии, но самото тоа што тие постојат за многумина е добар знак.