Пекиќ за јазикот

Колку млеко дава бикот?

Предизборните кампањи се веројатно најдобрите моменти за муабет околу моќта на јазикот, да заведува, заобиколува и (не)чесно да ја толкува стварноста. И за предупредување дека не е од некоја корист ако бикот цело време го викаме крава, затоа што ќе дојде моментот кога него ќе треба да го измолземе.

Јазикот, колку што е можно, е објективна, искрена слика на стварноста, или пак начин таа на неискрен и пристрасен начин да се заобиколи и пренебрегне. Јазикот е или инструмент за чесно толкување на реалноста или алатка за нејзино нечесно прикривање. Со истиот јазик, но со негова различна употреба, откриваме и прикриваме.

Судбината на јазикот е судбина на тајната дипломатија која, според ветувањето на Ленин, по револуцијата требало да стане јавна, а всушност останала потајна отколку кога и да е. Стварноста, за среќа, е помоќна од сите промени кои не ѝ лежат.

Таа ги отфрла како туѓо тело. Единствено пред јазикот е немоќна. Затоа што јазикот ја менува, не допирајќи ја. Ја менува независно од сето она што таа му го нуди. Ја менува според себе и своите потреби. Односот помеѓу јазикот на една политика и стварноста со која тој се занимава го одредува и опсегот на нејзините можности, и целта на тоа занимавање.

За нешто добро да се разбере, треба најпрвин исправно да се именува. Не ни е многу од корист тоа што знаеме многу за бикот, ако цело време го викаме крава, како крава го опишуваме, и со него како со крава се однесуваме. На крај како крава и ќе го употребиме, и при молзењето ќе добиеме точно онолку млеко колку што заслужуваме, а понекогаш и копито во чело.

Ништо не ни користи што воведуваме демократија ако под неа уште го подразбираме социјализмот. Не помага ни промената на името на Сојузот на комунистите, ако со неа не биде променета неговата авторитарна природа. Социјализмот кој е демократски еднаков на социјализмот со човечки лик, или на социјализмот по човечка мерка, еднаков е можеби и на демократската обнова на социјализмот, но на демократија - не е.

Ништо нема да ѝ помогне на оваа земја самата промена на името на нејзината политика, ако со неа фундаментално не се промени и таа политика.

Затоа предлагам пред сите други промени да го промениме јазикот преку кого се разбираме и меѓусебно, и со стварноста.

Предлагам, најнакрај, работите да ги наречеме со нивните имиња, и да се откажеме од еуфемизми кои нè залудуваат, а потоа и нè онеспособуваат за дејствување.

Ако постапиме така, и ако јазикот го прочистиме од кованиците на нашата потреба, фантазија, желба и корист, ќе видиме:

дека патриотизмот не мора да биде национализам, ни кај нас, а особено не кај другите, како што секој национализам не мора да биде патриотизам

дека несогласувањето со некоја политика е контрареволуција само ако е во тек некоја револуција со која тоа несогласување не се согласува, инаку е - демократско несогласување

дека несогласувањето, контрареволуционерното или кое и да е друго, не мора да биде предавничко, ако не го предава здравиот разум, туку само нечија заблуда

дека демократијата, секако, лежи во правото на мнозинството, но и во трајното право на малцинството со демократски средства да му се спротивставува на мнозинството, сè додека, ако е во право, не ја смени неговата волја

дека слободата на демократската одбрана на личните интереси е услов за одбрана на заедничките, од кои зависат личните

и дека правото на сопствена среќа и благосостојба е услов за втемелување на општиот, а не негова препрека

дека човекот е најголема вредност, но само ако во таа земја вредните работи се ценат, а тие не се рамноправни со оние без никаква вредност.

Многу работи можат да се кажат со јазик кој нешто значи. Но за тоа да биде можно, најпрвин треба со него да се умее, а потоа и да постои желба тој да се користи.

Голем број наши државници и политичари одамна го имаат заборавено тој јазик. Oној со кој ни се обраќаат е сенишен јазик на поими, кој не соодветствува на ништо во нашата емпирија.

На што одговараат денес зборовите како социјализам, самоуправување, социјалистичка демократија, братство и единство?

Тоа се оние зборови заради кои со децении молземе бикови наместо крави.

Да запомниме: сите луѓе можат да се лажат извесно време, некои луѓе можат да се лажат и извесно и сето време, но невозможно е да се лажат сите луѓе, сето време.

Да му се вратиме на јазикот во кој попот е поп, а топот топ. А не обратно.

Борислав Пекиќ

Од: Stope u pesku, Službeni glasnik 2012

11 март 2013 - 09:01