Ова се случило во 1921, 23 години откако Марија Кири го открила радиумот и една деценија откако ја добила Нобеловата за хемија (што бил нејзиниот втор Нобел - првиот бил од областа на физиката, заедно со сопругот Пјер и физичарот Анри Бекерел во 1903). Претходната година, американската новинарка Мари Мелони направила ретко интервју со Кири за женското списание The Delineator, во кое таа ја открила својата најголема желба: да добие уште радиум за да може да ги продолжи лабораториските истражувања.
Како тоа двократна добитничка на Нобел останала без пари за својот основен истражувачки материјал не е тешко да се заклучи, имајќи предвид дека во тоа време грам радиум чинел 100.000 долари (а денес не ни постои во чиста форма), што во денешни пари изнесува 1.3 милиони долари за грам.
Како решение на проблемот бил формиран Фонд за радиум на Марија Кири, организиран токму од спомнатата Мелони. На кампањата ѝ се придружиле бројни жени професорки и истражувачки, кои и покрај астрономската сума ги собрале потребните пари за помалку од една година. Така, во 1921, Марија Кири прв пат ги посетила САД, во придружба на двете ќерки Ирена и Ева, и во Белата куќа го примила грамот радиум лично од тогашниот претседател Ворен Хардинг (на сликата горе). Опасната материја не била донесена на церемонијата, но Кири добила златен клуч од куферот во кој бил сместен, како и сертификат.
Радиумот бил качен на брод заедно со патничките и испратен во Париз. „Вишокот“ од 56.413,54 долари кои ги собрал фондот отишол најпрвин за образование на една од ќерките на Кири, а потоа станала стипендија за Французинки и Американки во областа на науката.
Главна причина зошто семејството Кири останало без средства за истражување била одлуката на Марија и Пјер да не го патентираат радиумот или неговите медицински примени, иако токму тие патенти можеле да им носат пари. Ова го направиле за сите лекови и тремани произлезени од нивните истражувања да бидат достапни на човештвото.
Ова било прво од двете вакви посети на САД на кои собирала пари за истражувања. Вториот пат се случил во 1929, кога како почесен член на Американското здружение за контрола на ракот присуствувала на повеќе научни настани во Њујорк и добила 500.000 долари од претседателот Хувер.