Неговиот нов албум се вика „Трка за Белата куќа" и тој ги истражува личностите на четирите кандидати (Хилари, Доналд, Берни и Бен) кои се во игра за иден претседател на САД. Парчето посветено на Трамп се вика, не без иронија, „Повторно (целосно сам) правејќи ја Америка голема". Почнува со свиркање од уста, што треба да ни го претстави Доналд како лежерно си ужива на огромниот имот, сè додека една труба која личи на воена не го прекине, за тој да се сепне и да се посвети на неговата мисија - спасување на Америка.
Мелодијата пак посветена на Берни Сандерс почнува со многу удиралки, а потоа преминува во грув со брзо темпо, пред Робертс на пијаното да почне да повторува група од три ноти, кои потоа ги презема кларинет, па саксофон. Асоцијацијата на оваа трочлена структура се трите збора од кампањата на Берни - Feel the Bern. Песната посветена на Хилари се вика „Сега сум јас на ред", а на Бен Карсон - „Навистина ја исеков таа цреша".
Робертс вели дека бил инспириран од специфичните карактери на претседателските кандидати, и предизвиците со кои тие се соочуваат пренесувајќи им ја нивната порака на потенцијалните гласачи. Музичарот ослепел кога имал 5 години, па никогаш реално не ги видел оние за кои компонира. Но вели дека тоа е дури и предност - можеш многу да научиш за политичарите ако само ги слушаш, и не те замајува нивниот научен говор на телото.
„Ако човек е нервозен, тој зборува побрзо, а ако ја контролира ситуацијата, тогаш зборува погласно", вели тој. „Ако е навистина задоволен може да зборува со повисок тон. И сето ова се многу информации кои можете да ги добиете само со слушање".
Робертс, кој предава музика на државниот универзитет во Флорида вели дека се надева дека луѓето, особено младите, внимателно ќе ги слушаат песните како потсетник дека во политиката се уште има место за уметноста, преку која може да се соопштат многу работи за општеството - „Музиката е начин на опишување на животот кој ги надминува зборовите. Потребна е малку фантазија за да се сфати што сака таа да ни каже".
Eве како, според Робертс, звучи џез верзијата на Доналд Трамп. Страв ни е да предложиме слична серија за нашиве политичари - тоа сигурно ќе биде какафонија.