Изгледа дека шаманските извици „2016, еби се“ ќе си останат нејзино главно обележје, како моментот кога Џон Оливер одлучи да ја крене во воздух таа „срање од година“ (за што пишувавме тука)
Но што ни згрешила 2016 - како таква - што толку ѝ се нас’скавме? Таа лично го уби Боуви? Виновна е за Алепо? Го намести Трамп за претседател? Брегзит е нејзино масло? Гревовите ѝ се толку бројни што за март 2017 е планирана и книга под наслов „Е*и се 2016“. А како може да стори грев нешто што всушност и не постои, освен како наша потреба од некаков начин на мерење на времето, изразено во 365 дена од по 24 часа од годината во заминување?
Она што се случува е всушност давање човечки особини или антропоморфизација на година, како таа да е разумно суштество, кое може и да биде обвинето за работите што се случиле додека било „на должност“. 2016 НИ ГО ЗЕМА Принс и Дејвид Боуви и Мухамед Али. 2016 НИ ГО ДАДЕ вирусот Зика, и Брегзит и терористичките напади. „Нели ѝ е доста на 2016-та?“, се прашуваа луѓе по социјалните мрежи. „Аман веќе, нека замине“, посакуваа други, како 2016 да е несакан гостин со чие заминување низ вратата одеднаш работите ќе се сменат на подобро.
Психолозите го објаснуваат ова со потребата на човекот во кризни ситуации нив да ги рационализира низ концепти кои му се блиски, и кои ги разбира. Ако на годината ѝ се даде човечки лик, таа одеднаш станува нешто поблиско, во случајов познат но зол лик, чие присуство носи само несреќи. Секако, оние кои ја пцујат 2016 не мислат дека некои апстрактни ентитети се виновни за бомбардирањето на Сирија или за изборот на Трамп. Но кога многу луѓе се одговорни за одредена ситуација, и кога има многу ситуации кои предизвикуваат очај, нема поента да се пцуе секој поединечно. Колнењето на годината е некаков сумарен крик упатен кон сите зла.
Тоа што тој крик најчесто се слуша на социјалните мрежи е „логичен“ - низ нивната призма светот изгледа како прилично гнасно место, со постојани вести за нешто лошо, скандалозно, безнадежно. Ако не сте по теориите на заговор, или не мислите дека Бог нè напуштил, тогаш единственото нешто по кое можете да фрлате дрвја и камења е сиротата година.
А таа па ич не е моќна. Трае само 12 месеци и ниту една до сега не поседувала монопол врз трагедии. На 1 јануари добиваме нов „владетел“, и се надеваме дека тој ќе покаже малку повеќе милост. Барем така мислат оние кои не претпоставуваат дека секоја година не е само нова капка во океанот на бесмислата и страдањето. И 2017, антропоморфизирана или не, ќе биде нефер. Ќе ни ги одзема работите што ги сакаме, ќе ни дава такви кои не ги очекуваме. Ќе има нешта кои никој нема да може да ги спречи. Така, единственото нешто што можеме да го сториме е да се фатиме за работа, и да го направиме она што е во наша моќ за годината да биде подобра. А ако не успееме, нема ништо лошо во тоа да се издереме - еби сеее!