На 18 јануари 1943 Американците се разбудиле со вести дека Бирото за воена храна, раководено од секретарот за земјоделие Клод Р. Викард, ја забранило продажбата на леб на парчиња. Причините за оваа забрана биле малку нејасни, иако до овој момент Американците веќе биле соочени со рационализирање на потрошувачката, која подразбирала ограничен пристап до високобараните артикли како шеќер, кафе, бензин и автомобилски гуми.
Но што им згрешил, пак, лебот на парчиња? На јутјуб каналот „Д хистори гај“ се анализираат неколку претпоставки. Да не е до недостаток на делови за машините кои го сечеле лебот? Да не е до ќесите од восок кои го држеле лебот свеж пред измислувањето на пластичните ќеси? Можеби на сојузниците тие им биле потребни за некоја тајна задача? Брашното било стриктно регулирано во Велика Британија во текот на Првата светска војна, па оттаму таа немала проблем во текот на Втората, кога брашното останало релативно евтино и лесно да се најде, па дури имало и вишок за да се обезбедат трупите. Приносот на житото во 1942 бил втор по обем во регистрираната историја. Тогаш?
Всушност, сите овие претпоставки не водат никаде бидејќи причина за ваквата забрана едноставно - немало. Сите надлежни институции почнале меѓусебно да се обвинуваат за неа, а во некои случаи тие дури и ја обвинувале самата американска пекарска индустрија!
Сета оваа мешаница траела два месеца, при што јавноста кренала голема џева. Иако однапред пресечениот леб не бил во продажба многу пред овој момент, во 13 и пол-те години од неговото воведување потрошувачите веќе станале прилично зависни од неговата практичност и од тоа колку убаво се вклопувале парчињата во нивните „скокачки“ тостери, уште еден тогаш нов изум. Во медиумите излегувале разно-разни претпоставки за забраната, меѓу кои и таква која тврдела дека „мнозинството американски домаќинки не се добри сечачи на леб“.
Една таква домаќинка, откако го поминала целото утро претворајќи векна во сендвичи за нејзиниот сопруг и децата, напишала луто писмо до Њујорк Тајмс, декларирајќи „колку е важен сечениот леб за моралот и присебноста на едно домаќинство“.
Дури и славните личности имале нешто да кажат. Но холивудската актерка Оливија де Хевиленд ја одобрила одлуката, сметајќи дека пакуваните парчиња биле „предебели“.
Повеќе во видеото: