Жил Тосело од Универзитетот Тулуз во Франција и неговите колеги истражувале предмети и цртежи пронајдени во пештерата Марсулас на Пиринеите. Меѓу нив и школка од морски полжав првично пронајдена во 1931.
Таа е долга 31 сантиметар и широка 18 сантиметри, а некогаш му припаѓала на голем полжав од видот Charonia lampas, кој веројатно живеел на брегот од денешна Франција или Шпанија. На неа има мала тесна дупка издупчена на местото на школката наречено апекс или врв, а декорирана со окер црвени белези направени со втиснување на прст (иста техника на поентилизам со која се правени и цртежите во пештерата).
„Прилично сме сигурни дека оваа школка била трансформирана од човек, спротивно на она што е објавено во 1930-тите“, изјавил Тосело на прес конференција одржана на 9 февруари. Оние кои тогаш ја откриле сметале дека станува збор за церемонијален сад за пиење. Но новиот наод се должи на компјутеризирана томографија со која е испитана внатрешноста на школката. Утврдено е дека дупката на врвот е направена за да се отвори место за некој вид цевче со кое музичарот дувал во неа.
За да се тестира хипотезата тимот побарал помош од свирач на дувачки инструменти кои на неа произвел три ноти блиски до до, ре и повишено до (снимка долу). Oва ќе помогне да се сфати како припадниците на тн. мадленска култура (доцен палеолит, пред околу 18.000 години) го користеле овој предмет.
Oваа школка сепак не е најстариот познат музички инструмент. Некои флејти направени од животински коски се стари и по 40.000 години 60.000 години.